1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски ќе посредува со Бугарија

ДТЗ /ДВ
1 декември 2020

Владата го назначи за поранешниот премиер за специјален преставник кој ќе ги затоплува односите со Софија. Тој ќе има мандат од една година да ги реализира зацртаните планови на Владата.

https://p.dw.com/p/3m5eE
Mazedonien Skopje Vlado Buckovski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasoski

Владата го назначи поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија. Негова задача ќе биде успешно затворање на отворените прашања околу кои се кршат копјата изминатиов период на релација Скопје - Софија. Бучковски ќе има мандат од една година за да ги реализира зацртаните планови на Владата.

„Именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство“, соопштија од Владата.

Не сум чудотворец

„Не сум чудотворец и нечиј скриен ас во ракавот, јас ќе се обидам со својот кредибилитет, што исто како Денко Малески и Љубчо Георгиевски го имам во Софија, да ја вратиме довербата меѓу двете држави. Ако не успееме до деветти декември да се договориме, ќе се бориме по деветти да најдеме решение за проблемите, зашто очигледно Бугарија е таа што треба да ја отвори портата кон Европа. Договорот за пријателство и добрососедство е единствената шанса да не се вратиме назад во историјата. Република Бугарија треба да покаже поголемо разбирање за тоа што сме го направиле изминатите две години. Јас ќе барам Софија да ни даде шанса“, вели професорот Бучковски во изјава за СДК.мк. Според него, клучни се наредните десет дена, но и дека ќе треба подолг период за да се подобрат односите меѓу двете стрaни и да се врати довербата. 

-повеќе на темата: Бучковски: Немаме поголем сојузник од Бугарија

Именувањето на Бучковски за специјален претавник кој ќе треба да ги затопли заладените односи меѓу двете соседни земји, се случува во пресрет на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ кој треба да се одржи од 7 до 9 декември, откако на претходниот состанок Бугарија стави вето на преговарачката рамка и го блокираше почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија. Софија го условува почетокот на разговорите со ЕУ и инсистира на јазичната формулација во согласност со Договорот од 2017 година, со прецизни рокови за спроведување на договорот и негирање на македонското малцинство во Бугарија. Неделава треба да продолжи со работа и македонско-бугарската комисија, која се обидува да ги „испегла“ историските спорови околу ликот и делото на Гоце Делчев.

Поддршка и критики

Именување на Бучковски за специјален претставник за Бугарија наиде на критики, но и поддршка во јавноста. Додека едни сметаат дека тој е добар избор, според други „тешко на Македонија, ако решението е ‘тандемот лепливи прсти’“.

Поранешниот премиер и министер за одбрана, како и некогашен лидер на СДСМ, во последно време е често присутен во медиумите во Бугарија, каде што ги пренесува своите ставови во однос на надминувањето на недоразбирањата со Северна Македонија. Бучковски, универзитетски професор по Римско право, сега е ангажиран на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“, а исто така е дел од мрежата „Jus Romanum" на Софискиот универзитет. 
Неодамна во изјава за Дојче веле, Бучковски коментираше што може Скопје да направи за да ја убеди Софија да попушти во спорот. 

„Пред се мислам дека бара дополнително да дадеме јасни гаранции за исполнување на Договорот за пријателство и соработка од август 2017 година. Тука мислам на делот за заедничката историја (поекспедитивна и поефикасна да биде заедничката експертска комисија), се бара обелоденување на договорот за 4 историски поглавја и усогласениот текст за најмалку 5 историски личности, ефектуирање на договореното преку измена на учебниците по Историја и Географија...“, рече поранешниот премиер.

„Тешко на Македонија ако решението е 'тандемот лепливи прсти' Заев и Бучковски. Ова е предвестие на катастрофата која не смееме да дозволиме да се случи. Затоа кога овие двајца се прашањето, одговорот е народот’, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по веста дека Владата го именуваше Бучковски за специјален претставник.

„Денес, човекот чија кариера заврши со политички договор за судскиот предмет Тенковски делови, Заев го враќа на нова врата која преговара за историјата, јазикот, македонското малцинство, хероите. Луѓето со ’лепливи прсти‘, едниот познат по Бачило, продажба на ЕВН, Маџар Телеком, пасоши, другиот познат по Глобал, поткуп-евро за Вицето, Рекет 1 и 2, плантажи со марихуана се тандемот кој треба да го решава проблемот со Бугарија. Овие двајца луѓе се познати само по продавање, и тоа за жал по евтино продавање“, вели Мицкоски во реакцијата.

Лани во ноември, на Бучковски му застаре делото во предметот „Тенковски делови“, кој почна во 2007 и во тек беше третото судење за случајот. Според обвинението, на крајот на 2001, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т-55". Во 2012 година, СДСМ на чело со Бранко Црвенковски го исклучи Владо Бучковски од партијата.