1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш – Меркел: пријателски разговори за светските проблеми од Иран до Косово

10 ноември 2007

Што точно разговараат американскиот претседател Џорџ Буш и гостинката од Берлин, канцеларката Ангела Меркел, за сега останува тајна за очите и ушите на пошироката јавност.

https://p.dw.com/p/C9yY
Буш деновиве разговара со најважните европски сојузници. Што ли подготвува Белата куќа?Фотографија: AP

Познати се само темите, кои се протегаат од атомската програма на Иран па до статусот на Косово. Двајцата државници во секој случај имаат цели 22 часа на приватниот ранч на претседателот во Тексас за да ја договорат заедничката политика - и тоа без протоколарни оптоварувања.

Приватниот ранч на Џорџ Буш јуниор во Крафорд, Тексас, не видел странски гости цели две години. „Дома се канат само најблиски пријатели„ - порача на времето американскиот Претседател. Џорџ Буш очигледно немаше толку блиски пријатели последниве две години. Сега ја покани германската канцеларка, што е добро одбран сигнал на блискост и пријателство.

„Кога некој во Тексас ќе ве покани дома на гости, тоа е секогаш знак на топлина и почит. Токму тоа го чувствувам за германската канцеларка„ – порача американскиот претседателот Џорџ Буш при дочекот на Ангела Меркел и нејзиниот сопруг Јоаким Зауер на ранчот Крафорд. Буш со сопругата Лаура лично ги донесе гостите од Берлин со џип од хеликоптерот до куќата на ранчот.

Канцеларката Меркел се заблагодари на ваквиот гест на пријателство:

„Сакам од се‘ срце да се заблагодарам за поканата. Уште од првиот момент се гледа дека имаме прекрасна атмосфера во која можеме да разговараме за проблемите.„

Прв на дневниот ред е атомската програма на Иран, при што канцеларката Меркел заговара дипломатско, а не воено решение на спорот. Разликите по ова прашање ги потврди и портпарол на Претседателот Буш, нагласувајќи дека Германија и САД се на иста линија во стратешки поглед, но околу тактиката постојат мали разлики.

Меѓу поважните теми е и ситуацијата во Авганистан, каде Меркел неодамна престојуваше во ненајавена посета. Буш во принцип го фали ангажманот на германските војници во Авганистан, но би сакал исто така тие да се ангажираат повеќе во регионите каде се водат борби.

На дневниот ред се и проблемот околу статусот на Косово, Блискиот исток и американскиот анти ракетен штит во Европа. Гостинката од Берлин според најавите ќе се обиде уште да го увери американскиот претседател да заземе конструктивен став кон разговорите за склучување нов договор за заштита на климата, закажани за декември на островот Бали.

Дали и колку пријателскиот однос меѓу Меркел и Буш ќе помогнат во надминувањето на разликите по овие теми, останува да дознаеме на заедничката прес конференција закажана за денеска во 18 часот и 30 минути по средно европско време.