1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш најави истражна комисија околу ураганот Катрина

7 септември 2005

Американскиот претседател Џорџ Буш нареди јавна истрага за сите пропусти околу задоценатата помош за регионите погодени од ураганот Катрина.

https://p.dw.com/p/AcCo
Буш при посетата на бегалците од поплавените подрачја
Буш при посетата на бегалците од поплавените подрачјаФотографија: AP

Тоа е неговиот одговор на зачестените критики на сметка на администрацијата во Вашингтон. Но, сега апсолутен приоритет има помошта за загрозените подрачја, порача Буш.

Буш одигра типичен шаховски потег за политичар кој се нашол во тесно. По кризната седница на владиниот кабинет, тој најави:

„Она што имам намера да го направам, тоа е да застанам лично на чело на истражната комисија, која ќе испита што било погрешно. А ќе ви кажам и зошто го правам тоа. Живееме во опасен свет и мораме да сториме се‘ за соодветно да реагираме на напад со оружје за масовно уништување или пак на нов ураган!„

Како и другите политичари, Буш мудро одбегна да си ги врзе рацњете со каква и да е временска одредница за почеток на работата на истражната комисија, како и за нејзиниот состав и начин на работа.

Американскиот Сенат меѓутоа нема да чека на резултатите од работата на Комисијата на Претседателот. Тој најави создавање сопствен Истражен одбор, бидејќи Националниот план за заштита од катастрофи очигледно потфрлил, оцени Сенаторот Џо Либерман, претседавач со Одборот за заштита на таковината:

„Она што минатата недела го видовме не беше само национална трагедија, туку и национална срамота. Мораме да испитаме како можеше такво нешто да и‘ се случи на Америка. Исто како и што мораме итно да измениме, за вакво нешто да не ни се случи повторно.„

Најавите за истражни комисии меѓутоа не ги намалија критиките од теренот. Гувернерката на Луизијана, Кетлин Бланко, изјави:

„Градоначалникот на Њу Орлеанс и јас го сакавме истото. Ние побаравме прехрамбени производи, вода за пиење и хеликоптери и тоа го сторивме брзо по доаѓањето на катастрофалмниот ураган. Националната гарда стори што можеше, но помошта од созјуните органи дојде со задоцнување. Овие прашања мораат да бидат расчистени.„

Во меѓувреме, американската армија успеа да ги затвори сите дупки во системот на брани на Њу Орлеанс и сега почнува испумпувањето на водата од поплавениот град. Тоа меѓутоа може да потрае и до 80 дена, бидејќи поголемиот дел од пумпите се расипани или немаат довод на струја. Она што е најстрашно е фактот што водата е загадена со фекалии и трупови во распаѓање. Во близината на Батон Руж властите подигнаа огромна хала за складиштење, обдукција и идентификација на труповите. А градоначалникот Реј Негин уште еднаш апелираше до преостанатите сограѓани да го напуштат Њу Орлеанс:

„Одете на некое време, дозволете ни да ве префрлиме на некое подобро место за да можеме да го расчистиме градот. А потоа, ви ветувам дека ќе се вратите во вашиот град, кој ќе биде подобар и посигурен!„