1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш најави повлекување на дел од трупите стационирани во Ирак

14 септември 2007

Американскиот претседател во телевизиско обраќање до нацијата се искажа за долгорочна подршка на Ирак: и по истекот на неговиот мандат во јануари 2009, САД мора да му даваат воена, економска и политичка помош на Ирак

https://p.dw.com/p/BfnL
Џорџ Буш - од обраќањето до нацијата од Овалниот салон на Белата куќаФотографија: AP

До јули наредната година бројот на американски војници анагжирани во Ирак треба да се намали на околу 130 илјади. Трупите мора и натаму да останат во Ирак оти, според претседателот Буш, тамошните востаници ја загрозувале и националната безбедност на САД. “Колку поуспешни ќе бидеме, дотолку повеќе американски труи ќе можат да се вратат дома”, рече

Буш и најави дека до Божиќ ќе бидат вратени првите 5700 војници. До јули наредната година треба да се вратат уште 4 бригади со најмалку 21 ипол илјада војници.

Претседателот, со тоа, се ориентира според предлогот на врховниот командант на американските сили во Ирак, генерал Дејвид Петреус. По засилувањето со 30 илјади дополнително испратени војници на почетокот на годинава, во моментов под негова команда во Ирак се околу 168 илјади војници. Тоа е највисока бројка од почетокот на војната. Досега таму загинаа повеќе од 3 700 војници.

Својата стратегија Буш ја означи како мост помеѓу два противречни интереса: на една страна има луѓе кои сакаат враќање на трупите, а на друга убедување дека успехот во Ирак е од битно значење за безбедноста на САД. Буш побара согласност независно од партиската припадност за неговите планови за Ирак и целиот Блиски исток. Тој призна дека владата во Багдад не исполнила различни цели и јасно побара напредок. Денеска Белата куќа треба да објави нов извештај за напредокот на ирачките власти. Според информации од упатени кругови, Багдад остварил напредок во само една од 18 политички и безбедносно релевантни точки.

Говорот на Буш, според очекувањата, наиде на критика кај Демократите. Сенаторот Џек Рид оцени дека претседателот повторно не поднесе план како може војната да биде успешно завршена, ниту понуди разумни причини за таа да биде продолжена. Со плановите на претседателот САД се повторно таму каде што беа во јуни 2006-та - политички ние не направивме напредок, оцени претседателскиот кандидат Барак Обама.

Неговата конкурентка од истите партиски редови Хилари Клинтон плановите на Буш ги прокоментира со зборовите: “Тоа е премалку и предоцна”. Претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот Ненси Пелоси уште пред говорот рече дека Американците веќе одамна ја загубиле довербата во неговите лидерски квалитети во ирачката војна, оти неговата реторика никогаш не се совпаѓа со реалноста на лице-место.