1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш повика на здружување на светот против оружјето за масовно уништување

12 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcQ0
Американскиот претседател, Џорџ Буш, ја повика меѓународната заедница на построги мерки против натамошното ширење на оружјето за масовно уништување. Во говор на Универзитетот за национална одбрана, Буш оцени дека најголема опасност за човештвото е можноста за ненадејни напади со хемиско, биолошко или атомско оружје. "Ние и нашите пријатели сме решени да го заштитиме нашиот народ и светот од размножување на оружје за масовно уништување", изјави американскиот претседател, Буш, потенцирајќи дека САД нема да дозволат терористите и опасните режими да и' се закануваат на земјата со најсмртоносното оружје на светот. Американската влада на предизвиците ќе им се постави со отворен дух и решителност. Тоа значи борба со опасноста на местото од каде таа доаѓа и внимание оружјето да не се најде во погрешни раце. Буш, признанието на научникот Абдул Кадир Кан, за пренесување информации околу нуклеарното оружје на трети земји, го нарече успех. Но, случајот покажува дека досега преземените мерки за безбедност не се доволни. Пакистанскиот претседател, Первез Мушараф, му дал уверување на Буш дека ваков случај нема да се повтори и ветил дека на САД ќе им ги пренесе сите сознанија од актуелната истрага за шверцот со нуклеарно оружје и информациите за него. Американскиот претседател подвлече дека Меѓународните атомски власти мора да ги имаат сите потребни инструменти за да откриваат илегална трговија со вакво оружје и за да можат да преземат мерки за заштита. Затоа, според Буш, треба да биде основана посебна комисија на атомските власти. Тој апелираше до меѓународната заедница да ја засили соработката за спречување на ширењето на оружјето за масовно уништување, а до Советот за безбедност,пак, упати апел да донесе соодветна резолуција. "Продолжувањето со настојувањата за добивање вакво оружје нема да донесе безбедност или меѓународен престиж, туку само политичка изолација, економски тешкотии и несакани последици", порача Џорџ Буш.