1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш сака одмерена одлука за Ирак

14 декември 2006

Американскиот претседател Џорџ Буш вчера во Пентагон одржа советување со стариот и со новиот министер за одбрана околу тоа каков да биде идниот курс во Ирак.

https://p.dw.com/p/Aduw
Фотографија: AP

Американскиот претседател Џорџ Буш не сака да биде ставен под притисок,затоа го одложи планираното претставување на новата стратегија кон Ирак за идната година.Заедно со поранешниот прв човек на одбраната,Доналд Рамсфелд и сегашниот Роберт Гејтс,како и претставници на армијата,тој ја дискутираше состојбата во Ирак.

-Јас ќе ги претставам своите планови по зрели размислувања и по континуираните советувања,рече Буш.

Тој сака да му даде време на новиот министер за одбрана да изгради свој став.Но,Буш категорично одбива прерано повлекување од Ирак:

-Слушнав некои идеи,кои можат да водат кон пораз.Ги одбивам тие предлози.Како на пример идејата за повлекување од Ирак пред да биде извршена задачата.

Според извештај од весникот Лос Анџелес Тајмс претседателот Буш сега фаворизира испраќање дополнителен број војници во Ирак,во некој вид последен напор да ја заврти страницата во правец кон создавање слободна и демократска држава,која ќе биде на страната на САД.Се споменува бројка од дополнителни 40 илјади војници,кои би требало да бидат испратени во Ирак на половина година како засилување на сегашните 140 илјади.Бекеровата комисија претходно изрази сомневање дали американската армија располага со доволно сили за дополнително засилување на трупите во Ирак.

Од друга страна се погласни се стравувањата дека прерано американско повлекување ќе биде во интерес на мнозинското шиитско и курдско население,кое изнесува околу 80 проценти од вкупното.Саудиска Арабија веќе протестираше против маргинализирање на сунитското малцинство најавувајќи негова финансиска и воена поддршка.