1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетите на општините за капитални проекти и за инфраструктура

9 јануари 2012

Советите на Општините ги изгласаа општинските буџети. Капиталните и инфраструктурни проекти се нивни желби, но за тоа покрај општински, потребни се и средства од државата, сметаат експертите.

https://p.dw.com/p/13gGs
СтрумицаФотографија: Petar Stojanovski

Една од најбогатите македонски Општини е Општина Струмица. Советот на општината деновиве го усвои буџетот за 2012, од 973 милиони денари. Најголем дел од средствата, дури 85% ќе се инвестираат во капитални проекти, тој процент во 2011 беше 82, а во 2010 дури 87 отсто, потенцира за Дојче Веле со гордост градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев. Тој информира дека најголем инвеститор во Општината е токму Општина Струмица.

„Гасификацијата е еден од најголемите проекти и ние влегуваме во 2012 во втора фаза. Примарната мрежа е изградена.Огромен колектор над градот Струмица од вкупна вредност од 600 илјади евра ,којшто треба да ги опфаќа сите дождовни атмосферски води преку колектор да го заобиколат градот и да ги носи во реките.Трошиме околу еден милион евра за улици во градот и 500 илјади евра за улици во населените места.Еден милион евра имаме за нови канализации во селата, некаде околу 700 илјади евра имаме за тротоари во градот и 24 села‘‘.

Советот на Општина Велес деновиве го усвои буџетот на општината проектиран на 721 милион денари, што според службата за финансии на општината е зголемување за цели 11 проценти во однос на 2011 година. Еден дел од средствата како капитална инвестиција од 42 милиони денари Општина Велес ќе ги вложи во изградба на водоснабдителен систем на населбите и објектите околу Езерото „Младост‘‘. Поголемиот дел од средствата општината ги планира за тековно оперативните програми за работа на општината како образование, социјала, инфраструктура, култура и другите сегменти на живеење.

Platz in Veles, Mazedonien
ВелесФотографија: Petar Stojanovski

Општина Свети Николе е една од помалите и финансиски послабо стоечки општини. Советот на Општина Свети Николе исто така го усвои буџетот на општината за 2012 ,од околу 250 милиони денари,а што е за 6 милиони денари повеќе од 2011. Од тоа за капиталните инвестиции, како што информира градоначалникот Роберт Ѓорѓиев се некаде 35 до 40 милиони денари.

„Се’ се тоа средства од општината,не се донации туку само чисти средства на општината.Ќе бидат наменети за инфраструктура,патна мрежа, канализација, водовод и.т.н.‘‘.

За капитални инвестиции ќе мора да помага и државата

За разлика од 2005 кога почна децентрализацијата во Македонија работите сега се многу променети.Тогаш општините имаа многу мали буџети, кои споредени со сегашните беа 10 до 15 пати помали, констатира за Дојче Веле, економскиот експерт Горан Ангелов. Сега општините располагаат со поголеми суми за пари и затоа смета Ангелов „Во најголема мера треба да ги трошат за капитални инвестиции.Значи што е можно помалку да се трошат пари за плати и за други материјални трошоци за работа на општините.Но факт е дека во иднина ќе мора да се посвети поголемо вимание на добивање и на дополнителни средства од државата за капитални инвестиции кои општините самостојно ќе ги располагаат,тоа е најбитна работа. Веројатно во текот на 2012, 2013 и 2014 мора поголем дел од данокот на додадена вредност,персоналниот данок и од некои нови даноци ,како што е данокот на добивка да влегуваат во општинските каси за да може општините самостојно да располагаат во своите буџети за капитални инвестиции‘‘.

Сите македонски општини каде капиталните инвестиции се поголеми од 30 отсто се успешни општини. Овие македонски општини треба да бидат пример и за останатите,смета Ангелов.

Најголем дел од македонските граѓани сметаат дека општините нерационално ги користат народните пари собрани во општинските буџети. „Немаат развојни насоки.немаме развојна концепција,немаме изведување на инфраструктура, патишта, водовод и други капитални инвестиции туку повеќе се трошат на накои нерационални и непрофитабилни проекти‘‘, велат дел од нив.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Борис Георгиевски