1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Важен е тајмингот

21 април 2009

Единствена формула за развој е целосна интеграција во НАТО и ЕУ - истакна македонскиот претседател Бранко Црвенковски во говорот „Иднината на Македонија низ призмата на пријателите“ што го одржа пред дипломатите во РМ.

https://p.dw.com/p/HbMV
Бранко ЦрвенковскиФотографија: Petr Stojanovski

„Во 21. век не е возможно да опстанете како самоизолирана енклава додека сите околу вас се дел од глобалните процеси и заеднички работат за својата подобра иднина“, рече Црвенковски, додавајќи:

„Успешноста на европските интеграции, обезбедување одржлив економски развој и справување со тешките социјални проблеми, континуирано хармонизирање на меѓуетничките односи во земјата, развој на демократијата и заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото и ефикасно политички неутрално функционирање на државните институции се петте клучни прашања чие решавање ќе ја дефинира иднината на Република Македонија“, истакна Црвенковски.

Тој додаде дека не може да се зборува за успешни евроатлантски интеграции без успешни реформи во администрацијата, без независно и ефикасно судство и повисоко ниво на демократија. Црвенковски забележа дека во овој период во Македонија по малку се подзаборавени осумте услови кои се поставени од Европската унија, иако, како што додаде, секој за себе е исклучително сериозен и комплексен, а земјата се концентрирала само на деветтиот предуслов - организирањето на изборите.

„Во политиката и водењето на државните работи тајмингот е исклучително важен фактор. Ако вистинските работи не се направат во вистинско време не може да се смета на успех. Македонија влегува во финишот на периодот кога треба и мора да го направи клучниот исчекор и на тој начин трајно да ја дефинира својата евроатлантска иднина“, додаде Црвенковски. Според него, еден од клучните фактори за стабилност на Македонија и за нејзината иднина отсекогаш бил и ќе биде квалитетот на меѓуетничките односи.

Потребен е компромис

Зборувајќи за националниот идентитет, македонскиот претседател рече дека се согласува дека тоа е прашање од суштинско значење за секој народ: „Зачувувањето, негувањето и развивањето на сопствениот национален идентитет е право, потреба и обврска од највисок приоритет. Впрочем, зачувувањето и негувањето на националната и културната засебност е еден од основните принципи на кој почива и функционира ЕУ“, додаде Црвенковски.

Тој посочи дека неговиот став за спорот со името со Грција е дека Македонија треба да се соочи со реалноста и да се обиде да направи фер компромис кој нема да го загрози македонскиот идентитет и да се интегрира во евроатлантските структури.

На средбата се обратија и амбасадорите на петте земји постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации и амбасадорот на ЕУ во Македонија. Амбасадорот на Република Кина Донг Чунг Фенг вели дека е потребно постигнување висок стандард и континуиран развој за решавање на сите проблеми. Тој посочи дека е неопходно зајакнување на добрососедските односи и адекватно решавање на отворените прашања. „Пријателите може да се избираат, но соседите не“, додаде кинескиот амбасадор. Францускиот амбасадор Бернар Валеро исткакна дека иднината на Македонија е во Европската унија. „По изборите треба сите да се мобилизираат во спроведувањето на критериумите што ги постави ЕУ. А еден од нив е професионализација на администрацијата и јавните служби“, додаде тој. Според Владимир Солоцински, амбасадор на Руската Федерација, нема сомневање дека Македонија ќе даде голем придонес за стабилноста во регионот и мирот во Европа. „Важно е да останеш активен играч и да дадеш придонес за стабилноста без разлика колку мала земја сте“, додаде тој.

Американскиот амбасадор Филип Рикер повтори дека претседателот на САД Барак Обама на Самитот во Стразбур јавно потврдил дека Америка се обврзува да помогне за членство на Република Македонија во НАТО. Но, како што рече Рикер, овој Самит потсети на прашањето за името за кое, според него, треба да се покаже упарност за изнаоѓање компромис. Истата порака, како што рече Рикер, САД ја упатува до Грција велејќи дека ако ова прашање било лесно досега ќе било решено. „Сличноста меѓу САД и Република Македонија е што се мултиетнички и мултирелигиозни општества“, рече Рикер.

Евроамбасадорот Ерван Фуере нагласи дека најдобра вредност на Македонија се нејзините луѓе кои се обединети за влез во ЕУ. Според Фуере, сега ќе биде битно Владата да ги вложи сите свои напори за да ја воспостави јавната доверба во функционирањето на државните институции.

Официјалното предавање на функцијата на Бранко Црвенковски, како што е најавено, ќе биде на 12 мај кога на должност ќе стапи новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Невена Георгиевски