1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Израел: Бионтек/Фајзер помалку ефикасна против Делта-сојот

ЕМФ | АРД
6 јули 2021

Според Министерството за здравство на Израел, ефикасноста на вакцината Бионтек/Фајзер се намалила поради Делта-сојот. Таа сега спречува само 64% од инфекциите, но заштитата од тешки облици на Ковид-19 останува висока.

https://p.dw.com/p/3w4x5
Israel Coronavirus Impfung
Фотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

Ефикасноста на вакцината Бионтек/Фајзер во Израел, според Министерството за здравство на таа земја, е значително намалена во последните недели. Агресивниот Делта-сој на коронавирусот се шири паралелно, соопшти Министерството. Од 6 јуни ефикасноста на вакцината во спречување инфекција е падната на 64%. Меѓутоа, вакцината и натаму многу добро заштитува од тешко заболување и болничко лекување - имено 93%.

Министерството укажува дека податоците со кои се располага се ограничени и студијата е само привремена. Сепак, в очи паѓа значително отстапување од поранешните податоци во врска со вакцината. Во февруари, израелското Министерство за здравство објави дека вакцината Бионтек/Фајзер спречувала Ковид-19 со ефикасност од 95,8 проценти. Симптомите како што се треска и отежнато дишење биле спречени во 98 проценти од случаите, додека ефикасноста во однос на спречување на престој во болница, сериозни болести и смрт била 99 проценти.

Се зголемува бројот на новоинфицирани

Поради високата стапка на вакцинација, Израел има добри податоци. Веќе околу две недели, бројот на регистрирани нови инфекции значително се зголемува. Според Министерството за здравство, во неделата позитивни на коронавирус биле 334 лица. Последен пат повеќе од 300 нови инфекции во еден ден беа регистрирани на почетокот на април.

Сепак, веќе две недели не се пријавени смртни случаи поврзани со вирусот, а повеќето нови инфекции се поврзани со варијантата Делта, која за првпат беше откриена во Индија. Многу од заразените се помлади луѓе.

Околу 50 проценти од заразените се вакцинирани. Израел пред неколку недели ги укина практично сите корона-ограничувања.

Со оглед на зголемениот број на инфекции, лекарите сега разговараат за тоа како да се постапи понатаму. Некои бараат построги правила, не само задолжителна маска за затворени простории - барање што важи повторно, но ретко се почитува.

Israel I Pfizer-BioNTech COVID-19
Вакцината Бионтек/Фајзер сега спречува само 64% од инфекциите, но заштитата од тешки облици на Ковид-19 останува високаФотографија: Oded Balilty/AP/picture alliance

Други експерти предупредуваат дека не треба да се создава паника и укажуваат на пополнетоста на креветите во одделенијата за интензивна нега со пациенти со Ковид-19 - во Израел, тој број е сѐ уште многу мал.

Британска студија: Висока заштита од тежок тек на болеста

За ефикасноста на вакцините против Делта-сојот досега има пред сѐ британски истражувања. Една анализа на податоци презентирана од страна на владата во Лондон во јуни доаѓа до заклучок дека целосната заштита - со две дози вакцина Бионтек/Фајзерили АстраЗенека - многу добро спречува тешки форми на болеста. Ефикасноста е отприлика исто толку висока како и кај Алфа-сојот кој доминираше претходно, соопшти Агенцијата за јавно здравје на Англија. Вакцинираните имаат 90% помал ризик да завршат во болница отколку невакцинираните.