1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцини – една чиста европска конфузија

23 јануари 2021

Централното планирање во ЕУ за испорака на вакцините и лобирањето на големите фармацевтски компании доведоа до дебакл. За тоа може да бидат обвинети сите, а и никој. Неуспехот се претвори во бура. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3oJld
Coronavirus – Impfbeginn Baden-Württemberg Impfdosen
Фотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Има доволно вакцини, нема доволно вакцини. „Фајзер“ не може да постигне да произведе толку многу вакцини колку што има побарувачка во светот, особено на најбогатите. „Модерна“ чека нејзината вакцина да почне масовно да се дистрибуира низ ЕУ, иако ја доби дозволата за употреба. Европската комисија вели дека сѐ е под контрола уште од летото кога донесе одлука сите земји од блокот да имаат едновремен и рамноправен пристап до вакцините, а од крајот на август потпиша договори со шест фармацевтски компании кои тогаш работеа на развој на вакцините и сите беа западни фирми.

Пет месеци подоцна ЕУ има авторизирано само две вакцини, онаа на„Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“, а другите, како онаа на „АстраЗенека“, уште чекаат да поминат низ европските бирократски процедури. Во тоа време, растат случаите на заболени, како и бројот на смртни случаи. Земјите влегуваат во нови и нови карантини, построги и построги заклучувања. Во повеќе земји целосно се затворени рестораните и пабовите, некаде повторно е воведен полициски час, некои најавуваат уште построги ограничувања. Граѓаните се веќе на работ на трпението и зачекоруваат во полето на очајот. И покрај оптимистичките зборови на европските политичари дека пандемијата може да се совлада до крајот на летото со помасовна вакцинација, има сѐ помалку верба во овие зборови.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Изгледа разочарувачки, и така и е

Сиромашните земји од Западен Балкан веќе престанаа да веруваат во помошта што треба да им стигне од ЕУ кога и самата Унија не може сама да ги реши своите проблеми. Во меѓувреме, ќе чекаат да дојде испораката од Ковакс проектот на СЗО (и за него уште не се знае кога ќе започне). Македонија треба да добие 8.000 вакцини од Србија, која беше поумешна (и побогата) да влезе во директни преговори со „Фајзер“ и да се труди со сето медицинско знаење да ја држи пандемијата под контрола. Последниве две-три недели никој не споменува за квотата помош во вакцини што Македонија требаше да ја добие од Грција, Бугарија, Полска, Австрија затоа што навистина не се знае што ќе се изроди од тие ветувања. Изгледа разочарувачки, и така и е.

Барем сега изгледа дека Европската унија направи стратешка грешка обидувајќи се да го избегне она поединичено хаотично затворање на границите на нејзините членки во март-април и со некакво централно планирање да ги има работите под контрола. Но тоа се претвори во конфузија. Кога во јуни Европската комисија одлучи да се определи за шест кандидати кои ја развиваат вакцината (бидејќи во тоа време не се знаеше кои од нив први ќе ја поминат целта) можеби изгледаше како разумно решение. Но само неколку месеци подоцна се покажа дека тоа бил евтин изговор. ЕУ не презеде ризик да нарача доволно дози за да покрие две третини од своето население. Некои од европските познавачи на работите во оваа здравствено-политичка рашомонијада пресметаа дека на ЕУ за тоа ќе ѝ требаа 29 милијарди евра. Таа сума изгледа огромна, но пресметките велат дека таа сепак е минимална – тие пари се еднакви на загубата на европската економија во само 10 дена во време на пандемијата. Како што вели Ханс-Вернер Шин, професор по економија на Универзитетот во Минхен, доколку бил направен тој потег, ќе останеле и 300 милиони дози за сиромашните земји. Не само од Европа, туку и од другите континенти.

Brasilien Coronavirus Impfung
Фотографија: Amanda Perobelli/REUTERS

Кој е виновен?

Кој може да биде обвинет за овој европски дебакл околу вакцините кога се гледа дека САД, Велика Британија и Израел, на пример, одат со забрзано темпо во вакцинацијата? Веднаш би можело да се покаже со прст кон Европската комисија, која сакаше со централно планирање да постигне успех. Но не е баш така. Земјите-членки од една страна сакаа да го имаат под контрола развојот на настаните, да лобираат за големите фармацевтски компании, да ја ограничат Комисијата, а од друга страна да го обесхрабрат секој индивидуален обид во потрага по решение. Унгарија сега склучи договор со Русите за „Спутник V“ и речиси да немаше никој во Брисел кој во заедничката конфузија сериозно би се спротивставил на тоа. 

Во понеделникот генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, предупреди на „катастрофален морален неуспех“ околу дистрибуцијата на вакцините. Како што соопшти Гебрејесус, во понеделникот биле дистрибуирани 39 милиони дози во 49 земји кои се на горното скалило на богатството. А само 25 дози – точно, само 25 дози – биле иноколурани во една од најсиромашните земји. „Светот е на работ на катастрофален морален несупех и цената за овој неуспех ќе ја платат луѓето со своите животи или страдање во најсиромашните земји“. Токму онака како што многумина предупредуваа на почетокот на пандемијата.

Гебрејесус уште рече дека производителите ги ставиле на врвот на приоритетите дозволите на регулаторите во богатите земји, каде што профитите можат да бидат најголеми. Тоа изгледа како воено профитерство. Затоа и не е чудно дека една мала сиромашна Македонија не може да се прибере во првите редови за чекање на дозите од „Фајзер“ кога те исфрлаат како некаков натрапник.

Повеќе прашалници отколку решенија

За да ви стане појасно како ЕУ не може да го најде патот од оваа вакцинална конфузија доволно е да видите што се случуваше на последниот видео-самит на лидерите во четвртокот, кој заврши со повеќе прашалници отколку со решенија. 

Лидерите на ЕУ се појавија на мониторите со две главни фрустрации – дека граѓаните на Унијата не се вакцинираат доволно брзо и дека жителите во повеќето од најсиромашните земји во светот воопшто не се вакцинираат. Но таа фрустрација во дебатата се пренасочи во загриженост за ширењето на новиот вид на корона вирусот по неговото појавување во Британија. Па како главен заклучок произлезе решението сега со темноцрвено на картата на ЕУ да се обележуваат оние области во ЕУ каде со појавува новиот сој.

„Предлагаме новововедената категорија на темно црвена зона да покаже дека во оваа зона вирусот циркулира на многу високо ниво“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференција по состанокот. Некои од лидерите предлагаа повторно да се затворат националните граници, но најпосле тој став беше отфрлен.

Други колумни од авторот:

Самовилски приказни од судницата

Подарокот од Трамп за Вилма Русковска

Алијансата стана понтонски мост за ВМРО-ДПМНЕ

Политичките консеквенции ги сноси секој лидер дома, па во дискусијата повремено доминираше (како што дознаваат некои од известувачите во Брисел) гневот дека земјите биле оставени на милост на големите фармацевтски компании, иако токму онаа што прва ја разви вакцината, „Бионтек,“ има седиште во Германија. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека лидерите сакаат вакцинацијата да се забрза и дека „компаниите мора да ги почитуваат договорите за испорака“. Но како да ги почитуваат кога немаат толку погони за да ги испорачаат набавките на најбогатите?

Данската премиерка Мете Фредериксен, на состанокот притискала функционерите на ЕУ да ја испитаат можноста дозите со вакцини на „Оксфорд/АстраЗенека" да бидат испорачани до земјите и да чекааат на формалното одобрување на Европската медицинска агенција (ЕМА) за да не се губи во време. Францускиот претседател Емануел Макрон бил на слично становиште, затоа што одобрувањето на оваа вакцина од страна на ЕМА треба да се случи најрано на 29 јануари.

Другите велеле дека со тоа ќе се наруши правната рамка, трети дека тоа едноставно не е практично, па најдобро е дискусијата да се насочи кон „темноцрвените зони“. За тоа има најголема согласност. Холандскиот премиер Марк Руте им изјави на новинарите дека сите сакаат тоа да се случи брзо, но дека треба да им се остави доволно време на регулаторите да донесат правилна одлука.

Но нетрпението расте. Забрзување на европската стратегија за вакцинирање побарале и премиерите на Италија, Шпанија и Австрија. „Јас го очекувам одобрувањето на вакцината на ‘АстраЗенека' најдоцна следната недела“, изјавил австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пред почетокот на видео-самитот, пред новинарите зборуваше дека очекува одлуките да бидат водени од науката, а не од политиката и дека големото заклучување во нејзината земја веќе донело резултати и оти не ја исклучува можноста таа да ги затвори границите на нејзината земја ако другите држави не се придржуваат кон стриктните мерки.

Belgien Brüssel | Pressekonferenz Ursula von der Leyen und Charles Michel
Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел на прес-конференција по видео-самитот за вакцинитеФотографија: Thierry Monasse/AA/picture alliance

Сиромашните ќе мора да чекаат

Но и малите имаат свои права. Луксембуршкиот министер за надворешни работии, Жан Аселборн, преку германското радио го предупреди својот голем сосед дека евентуалното затворање на границите целосно ќе го скрши нивниот здравствен систем. „Шеесет проценти од луѓето кои работат во нашиот здравствен сектор секојдневно преминуваат преку границата затоа што живеат во друга земја“.

Урсула фон дер Лајен се обиде да им даде морална димензија на конфузните пораки на европските лидери, велејќи по самитот дека „и покрај месеци планирање, вклучувајќи го Ковакс и клубот на најбогатите економии Г20, многу малку вакцини стигнуваат до најсиромашните, бидејќи тие во оваа глобална треска не можат да дојдат на ред. Јас предложив да се воспостави ЕУ-механизам за да се подели пристапот до некои од нашите вакцини сѐ додека Ковакс не успее да им испорача на најсиромашните земји големи дози на вакцини“. Но Фон дер Лајен не одлучува во име на Комисијата. Одлучуваат лидерите. А тие сега имаат национални грижи. Сиромашните ќе мора и натаму да чекаат.

Фон дер Лајен изјави дека за неколку месеци ЕУ ќе има повеќе вакцини отколку што ѝ се потребни. Којзнае дали ќе биде така. Во меѓувреме, националните влади ќе се трудат да го намалат гневот во нивните општества каде граѓаните нестрпливо ги чекаат вакцините. А сиромашните, како Македонија, ќе мора да почекаат и да се снаоѓаат како што знаат и умеат во оваа европска конфузија.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар