1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцините како геополитичко оружје

Марјан Ѓуровски
6 март 2021

Вакцината се користи како хибридна алатка, бидејќи асиметричните закани никогаш не престанале и сега тие се механизам за обид за политичка и за економска доминанција. Пишува Марјан Ѓуровски.

https://p.dw.com/p/3qGQE
Iran Coronavirus Impfung Impfstart
Фотографија: Majid Asgaripour/WANA/REUTERS

Пандемијата и вакцинацијата предизвикаа ЕУ да наликува на компилација на импровизации и солирања, а не на складен хор и оркестар предводен од врвен диригент кој ја изведува Бетовеновата „Ода на радоста“.

Преку процесот на вакцинирање, ЕУ, за жал, уште еднаш ја потврди својата неефикасност и потребата од менување и тоа прво од внатре по преземање на новото германско лидерство во услови на дискутабилно поведение на официјален Париз. Воедно, доставувањето во најголем дел на кинески и на руски вакцини во регионот е директно кршење на кичмата на ЕУ во срцето на Балканот, каде може да се очекуваат значајни поместувања. Целиот европски проект ризикува да ја загрози смислата на своето постоење во очите на сопствените граѓани.

Дали пред нас е старт на нова студена војна во која улогата на Русија ја презема НР Кина?! Воедно е втор голем тест за потврда на глобалната лидерска улога на Соединетите Американски држави по студената војна. Во иднина, ЕУ мора да заговара и работи на зголемување на солидарноста. Во меѓувреме, најголемиот партнер на Кина и Русија остварува исклучителен продор во регионот и го враќа своето лидерство. Официјален Белград преку хуманиот гест во Скопје, Подгорица и во Сараево испрати поддршка, се промовираше за регионален лидер, но и јасна порака до сите партнери, сојузници и до нашите останати комшии.

Но, дали вакцините ќе ги променат надворешните и безбедносните политики на државите?

Вакцината се користи како хибридна алатка, бидејќи асиметричните закани никогаш не престанале и сега тие се механизам за обид за политичка и за економска доминација или за ново мешање на шпилот карти. Во обидот да се менаџира пандемијата, разликите и поделеноста се продлабочија, а во такви услови хибридните закани стануваат многу поефикасни и  претставуваат голем безбедносен ризик.

 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski
Професор Марјан ЃуровскиФотографија: Marjan Gjurovski

Модус операнди на руската надворешна политика

Руската вакцина Спутник V ја отвара вратата во иднина за модус операнди на руската надворешна политика и руските разузнавачки служби (РРС) во Европа и на Балканот, која секогаш е прилагодена кон локалните прилики. Различни делови од рускиот хибриден апарат се употребуваат во различен обем и мера според локалните или регионалните потреби на апликација.

Надворешната политика на Руската Федерација го искористи неснаоѓањето на Европската Унија и притоа си создава почва, во претстојниот период да користи класични политички средства за влијание преку продор на руските разузнавачки служби во политичките и во бизнис елитите на поединечните земји, за економски и енергетски средства за влијание, го распространува своето влијание преку медиумите, културата, академската средина, преку различни владини и невладини организации кои потекнуваат од Руската федерација или се формирани во поединечните земји, употребува различни групи, како и Руската православна црква. Најнова алатка на Русија е комбинираното влијание од заеднички интерес на надворешната политика на повеќе држави преку доставувањето на вакцината Спутник V. Мешавината на влијание од различните алатки (меѓу нив и вакцинацијата против Ковид-19) кои ги употребува Руската федерација, конструираат хибриден апарат на влијание.

Балкан

Дали преку доставувањето на вакцините Спутник V, Балканот и дел од Европа и' се препушти, покрај на НР Кина, и на Руската федерација? До вчера, балканскиот регион беше дел од хибридниот конфликт меѓу Западот и Русија. Основна цел на руската стратегија за Балканот е успорување на НАТО и на ЕУ-интеграцијата на земјите од Регионот, корупција на демократските системи и ширење недоверба кон НАТО и ЕУ. Пропагандата е традиционална руска мерка кон Балканот, која цели кон словенските православни заедници, а главната порака е „специјалната врска“ која ја имаат со Русите.

Посебни цели на Руската Федерација (РФ) се: влијание во процесот на донесување одлуки во секоја поединечна држава, освојување на „срцата и умовите“ на народите од регионот и на крајот ерозија на институциите и на политичкиот систем преку поттикнување недоверба во демократските и државните институции, како и интраетничка и интеретничка, социјална, културна и политичка поларизација на општествата, што води кон лошо владеење во секоја поединечна држава од регионот и секако зголемување на енергетската зависност во Регионот. Кога на ова ќе се додаде спасувањето од Русија на дел од Европа и Балканот со Спутник V, произлегува дека геополитиката и стратешките интереси и посебните политики на Европската унија ги носи на црвената улица во Амстердам.

По обезбедувањето на поголеми количества на руски вакцини за овој дел од Европа, руското проектирано влијание на Балканот се спроведува преку неколку алатки на нивниот хибриден апарат. Најчесто користени тактики и техники на Русија на Балканот и дел од ЕУ се: користење „прозорци на можности“, информациски операции, рефлексивна контрола, одржување, засилување и креирање „замрзнати конфликти“ и користење „влијателни руски бизнисмени“.

Во моментот, точки со најголем „прозорец на можности“ на Балканот, односно „жешки точки“ се: дијалогот Србија - Косово, состојбите во БиХ поврзани со Р. Српска. Руското делување на Балканот е дел од пошироката стратегија на Путин за поткопување на демократијата и на западните вредности во целиот Западен свет со цел зајакнување на позициите на Русија. Активно учествува на меѓународната сцена и креира слика на светска сила која има конструктивна улога во меѓународните односи, но во суштина одржува отворени и замрзнати конфликти. Користи нелинеарен пристап со цел да креира перцепција дека западните вредности се лажни и дека ЕУ и САД се неуспешни актери на Балканот (пропаганда против Фајзер вакцините на пример).

Руски хибридни закани кон Северна Македонија

Руската православна црква не ја признава МПЦ и силно ја поддржува СПЦ во спорот со МПЦ. Влијанието на РПЦ врз МПЦ е мало, иако има обид за директно пенетрирање во македонскиот црковен синод преку претпоследниот избор на епископ, кој директно се спротивставува на местото и на улогата на Вселенскиот патријарх во решавањето на македонското црковно прашање преку неговото исклучиво апелационо право.

Рускиот модус операнди засега е заснован примарно на ширењето дезинформации. Во Северна Македонија реализира информациска операција со користење на пропаганда, лажни вести, спинови, провокации, дезинформации и креирање перцепција на дефетизам, несигурност, криза и на опасност. 

-претходни анализи: НАТО „контра” УДБА и КОС преку безбедносен ремонт

Преку нив се постигнува ефективно влијание врз гласачите и при тоа користат широк инструментариум за мобилизација преку социјалните мрежи, медиумите, НВО, ДКП, локалните политички субјекти, клерот, јавните личности, маргинални групи и сл.

Овде, руската стратегија е флексибилна и прилагодувачка, која подразбира воспоставување мрежи на влијанија и ресурси преку инфилтрација во центри на одлучување и влијание (партии, медиуми и НВО), кои би биле ставени во функција на долг рок, независно од развојот на геополитичкиот развој на ситуацијата во Македонија и во регионот. Спроведува тактика на продлабочување на разликите во општеството преку интеретничка и интраетничка поларизација со ширење говор на омраза, закани, уцени, страв, неизвесност и сл. Од друга страна, алатки кои се користат се вмрежување на постојни портали и блогови и нивно координирање од еден центар, формирање наменски домеини со конкретни хаштази, масовна појава на „ботови“ (лажни акаунти и профили) на социјалните мрежи за организирано распространување (шерување или ретвитување) на анти-НАТО и анти-ЕУ содржини и сл.

Последици и потенцијални ризици  од руските хибридни активности се: различна перцепција на гласачите за (не)успешноста на референдумот, која покажа потенцијал за зголемување на интраетничката поларизација; таргетирање на политичари и јавни личности од албанскиот кампус со цел манипулација и поттикнување незадоволство; пенетрација во опозициските, народните и конзервативните партии во РСМ и Грција и вградување анти-нато и евроскептична идеологија и нарација во нивните програми и заложби; придобивање поединци и групи кои идеолошки припаѓаат на ултралевичарски, анархистистички, крајно либерални и есктремно десничарски движења, како долгорочни носители на анти-Нато и евроскептична пропаганда во македонската држава.

Двигатели за преориентирање

Алтернативите за земји како Северна Македонија може да изгледаат нереални од перспектива на ЕУ, но разочарувањето и фрустрацијата секако можат да бидат двигатели за преориентирање. Кина, Русија и Турција се актери кои, како стратешки ривали на западниот модел на општество, имаат различни идеи за демократијата, владеењето на правото и слободата на религијата. Економските и политичките понуди за соработка на исцрпените реформски политички сили или актери кои одбиваат сеопфатни реформи во горенаведените области може да паднат на плодна почва. Овие сценарија треба да се разгледаат во регион каде некои конфликти сè уште не се конечно решени и постојат внатрешни етнички и внатрешни религиозни тензии, вели Даниел Браун, шеф на македонската канцеларија на Фондацијата „Конрад Аденауер„ со дел од од својот тим во Скопје.

Во оваа анализа се додава дека приближувањето кон ова со партнери кои го делат европскиот канон на вредности и се дел од заедницата, секако би го поедноставило решението. Северна Македонија има уште долг пат до членството во ЕУ, но без веродостојна перспектива, мотивацијата ќе се намали. Овие процеси ќе и' понудат на земјата подобра перспектива во многу области, особено под аспект на Brain Drain, особено за младите генерации и квалификувани работници кои долго време живееле и работеле на многу места во ЕУ. Интеграцијата на регионот во ЕУ е исто така од интерес на ЕУ со цел да се стабилизира регионот и да не се остави на другите меѓународни чинители, чии вредности и цели се разликуваат на многу начини од оние на ЕУ.

Изборот е меѓу „Калинка, калинка, калинка моя!В саду ягода малинка, малинка моя!„ или „Ode an die Freude-"O Freunde, nicht diese Töne! Sondern laßt uns angenehmere anstimmen und freudenvollere!”.

 (Авторот е универзитетски професор)

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи