1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ванхауте: Промена на режимот преку избори повеќе не е опција

Борис Георгиевски25 март 2016

Посредникот на ЕУ во Македонија денеска го има последниот работен ден. Вели дека е шокиран од атмосферата на страв во земјата и смета дека изборите нема ништо да променат. Македонија не е подготвена за избори, вели тој.

https://p.dw.com/p/1II9P
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Питер Ванхауте си заминува од функцијата, но не ја напушта Македонија. Во недела на 27 март и формално завршува мандатот на медијаторот на Европската Унија во Македонија, а денеска е практично неговиот последен работен ден. Во разговор за Дојче Веле, Ванхауте признава дека во изминатите месеци не успеал како медијатор да ги реализира поголемиот дел од реформите кои беа потенцирани во Извештајот на Прибе. Во Македонија, вели тој, владее клима на страв, а владејачките партии не дозволуваат појава на никаква критичка мисла. „Шокиран“- тоа е еден од најчесто употребуваните зборови на Ванхауте во разговорот, а го користи кога говори за состојбите кои ги воочил во редица сфери во државата и општеството.
Како признание за неговата борба за европски вредности пред заминувањето, посредникот доби орден „офицер во кралскиот ред“ од амбасадорката на кралството Белгија во Македонија, Аник Ван Калстер.

Последната недела ја одбележа и со песна. „За 1.000 денари и сендвич“ ја продадовте слободата, порача тој на Светскиот Ден на поезијата. Мемињата со мачки станаа заштитен знак на неговата комуникација со јавноста, особено преку социјалните мрежи. За многумина стана симбол на борбата против злоупотребите и криминалот, други остро го критикуваат и напаѓаат. Од тој аспект, и едните и другите ќе ја толкуваат и веста дека Ванхауте ја напушта функцијата, но не и Македонија. По кусиот одмор, во април Ванхауте се враќа во Македонија, но овојпат како приватно лице. Вели дека сепак, нема да биде „турист“ како што веќе го прогласија некои, туку ќе продолжи да го дава својот придонес, на своја рака, фокусиран на граѓанскиот сектор во Македонија.

ДВ: Г-дине Ванхауте, бевте инволиран како посредник на ЕУ во македонската политичка криза од летото 2015. Некаде во исто време беше објавен и Извештајот на Прибе кој нотираше сериозни недостатоци во земјата, вклучително и различни форми на корупција во власта, изборни измами, уцени, напади, илегално прислушкување, политичко влијание врз судството итн.
Успеа ли Вашата медијација да се справи со овие проблеми?

Ванхауте: Мојата медијација резултираше во создавањето на Специјалното јавно обвинителство кое е одговорно за истрага на содржината на прислушкуваните материјали. Дополнително, беше направен одреден напредок и во однос на изборниот процес, преку измена во Изборниот законик и со именувањето на тројца независни експерти во Државната изборна комисија. Сепак, во сите други споменати области, не беше направен никаков напредок, затоа што санирањето на сите недостатоци се одбива од владејачките партии. Системот на контрола етаблиран, во најголем дел, од ВМРО-ДПМНЕ стига до сите сите делови на општеството и не дозволува никакво слободно и критичко мислење, а не пак сугестии за промена на курсот во подемократски. Како резултат на тоа има клима на генерален страв. Луѓето се плашат дека ќе бидат отпуштени (од работа, н.з.) или ќе завршат во затвор, принудувани се да присуствуваат на партиски митинзи и на владини „контра-протести“ против секоја легитимна форма на протест, најчесто во замена за мала сума пари и малку сендвичи. Платите на учителите и јавните службеници намерно се држат ниски за да ги направат луѓето уште позависни од партијата.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
„Шокиран сум од актуелната ситуација, атмосферата на страв, потиснувањето на слободата“. фото: Никола ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ДВ: Подготвена ли е Македонија за избори на 5 јуни?

Македонија повеќе од јасно не е подготвена за избори. Од аспект на резолуција на конфликти, најпрво мора да се решат сите клучни проблеми и да се врати земјата назад во нормална функционална демократија. Дури тогаш може да се размислува за организирање избори. Невозможно е во оваа временска рамка да се решат големиот број проблеми или проблемите со избирачките списоци. Со вештачко намалување на бројот на проблемите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да избега од својата одговорност по обвинувањата за организирана изборна измама на претходните избори и отфрла секаква одговорност за злоупотребите на изборните листи. Дополнително, повеќе медиуми се под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите за медиумските реформи пропаднаа затоа што партијата одбива да предаде било каква контрола врз медиумите и врз Агенцијата за регулација на медиумите. Недостатокот на медиумски слободи и на балансирано политичко известување е една од главните причини зошто изборите сега не се баш добра идеја. Дополнително, поради отсуството на сепарација на партијата и државата невозможно е да се организираат слободни и фер избори со еднакви услови за сите партии.

ДВ: Со оглед на тоа дека Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, бевте ли изненадени од состојбата, особено со она што беше откриено преку прислушкуваните разговори, кога првпат дојдовте во државата?

Не бев изненаден од актуелните проблеми, но изненаден сум од апсолутниот недостаток на одговорност, како никој од јавните функционери да не е одговорен за ништо. Последниве месеци имав можност да се сретнам со стотици луѓе од целата земја и признавам, шокиран сум од актуелната ситуација, атмосферата на страв, потиснувањето на слободата, од големиот број луѓе кои се во притвор само поради тоа што и се спротивставиле на владата или одбиле да ги прифатат нејзините правила. Шокиран сум од големиот број луѓе, вклучително и судии, кои беа отпуштени последниве години. Шокиран сум од високото ниво на корупција, каде купувањето диплома и универзитетски звања е прифатена пракса, додека низ целата земја се вработуваат некомпетентни луѓе, пракса што ќе резултира во целосен крах на нормалното функционирање на земјата. И шокиран сум од слабиот квалитет на образованието, каде децата се учат дека некои луѓе, како банкари или политичари се подобри од луѓето од ‘пониските слоеви,' и притоа мораат да учат фалсификувана историја.

ДВ : Политичката криза во Македонија трае повеќе од една година и нема решение на повидок. Што е според Вас најголемата пречка?

Најголемата пречка за позитивен исход е недостатокот на одлучност на меѓународната заедница. Речиси е невозможно за локалните граѓани да го вратат општеството во нормала. Промена на режимот преку избори повеќе не е опција. Меѓународната поддршка е единствена алтернатива, а итно е потребно дејствување. Тоа дејствување треба да резултира во создавање на ад хок техничка влада за најмалку 2-3 години, време кое е неопходно за решавање на бројните проблеми, во финансискиот менаџмент, судството, образованието и медиумите, со кои се соочува земјата.

Mazedonien Peter Van Houte
Најголемата пречка за излез од кризата е неодлучноста на меѓународната заедница, вели Ванхауте.Фотографија: MIA

ДВ: Во октомври минатата година предупредивте дека „Македонија може да стане изолирана како Белорусија“ доколку не се имплементираат реформите. Шест месеци подоцна реформскиот процес е далеку од имплементиран. Дали ова сценарио е сега уште поизгледно?

Според развојот во последните месеци и одбивањето на актуелната коалиција да ја прифати одговорноста за било кој од заклучоците во Извештајот на Прибе, можам само да заклучам дека сме еден чекор поблиску до ова сценарио. Во оваа фаза, изборите не решаваат ништо, туку само ќе ја продлабочат актуелната криза.

ДВ: Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за „Билд“ неодамна ја обвини ЕУ дека „25 години ја лаже и манипулира Македонија“. Го делите ли неговиот впечаток?

Се согласувам дека ЕУ можеше да биде повеќе проактивна во поддршката на решение за спорот за името со Грција. Главниот проблем сепак е дека ЕУ не успеа да ја избегне актуелната ситуација. Премногу беше фокусирана на законодавството, а не на она што навистина се случуваше на теренот. Главниот неуспех во оваа земја и на други места е што ЕУ верува дека доколку се имаат избори, парламент, влада и помалку или повеќе независно судство , тоа е доволно да се смета земјата за ‘демократска'. Сепак, без партии кои навистина функционираат демократски, демократијата е само далечен сон.

ДВ: Директно учествувавте во преговорите за медиумските реформи. Повеќе меѓународни организации даваат многу ниски оценки за медиумската слобода во Македонија. Кој е вашиот предлог за решение на овој проблем?


Важно е да се пресечат сите врски меѓу политиката и медиумите. Тоа вклучува и прекин на владиното рекламирање во медиумите, соодветен независен надзор над медиумите, силен и независен јавен сервис, немешање во програмата на телевизиите и радијата, исклучување на медиумите од директното влијание на сопствениците на медиумите и силен меѓународен мониторинг.

ДВ: Вашите мемиња со мачки на Твитер испровоцираа бројни, различни реакции во македонската јавност. Зошто одлучивте на овој начин да комуницирате, и кој е Вашиот одговор на критиките дека мемињата се навредливи и понижувачки за владејачката партија и за државата?

Важно е да се врати рамнотежата во тековната дебата меѓу моќната владина коалиција и релативно слабите опозициски партии. Хуморот и иронијата досега се покажаа како ефективни средства за спротивставување на авторитарни тенденции. Тврдењата дека мачките се навредливи и понижувачки беа само спин. Таквите тврдења беа лансирани на денот кога имав разговори со Државниот ревизор за злоупотребата на државни средства од страна на Агенцијата за електронски комуникации и сериозните нерегуларности во официјалните сметки на владејачката партија.