1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Варено вино и автоматски пушки на божиќниот пазар во Бон

Карла Блајкер
21 декември 2016

Полицијата го засили присуството на божиќниот пазар во Бон откако во нападот во Берлин животот го загубија најмалку 12 луѓе. Гласовите на посетителите во Бон се стишени, но тие се противат на стравот. Некои се гневни.

https://p.dw.com/p/2UeMy
Deutschland Weihnachtsmarkt in Bonn
Фотографија: DW/C. Bleiker

Божиќниот пазар во Бон за време на ручек. Гужвата околу тезгите на кои се продаваат колбаси или варено вино не е помала во однос на минатите денови. Една продавачка на колбаси дури ни кажа дека денот по нападот во Берлин забележала најголема продажба во годинашната сезона. Но, расположението дефинитивно не е исто.

Во понеделникот вечерта, на божиќниот пазар на Брајтшајдплац, во Берлин - во насобраната толпа посетители влета товарен камион и притоа усмрти најмалку 12 луѓе, а околу 50 беа повредени. 

Deutschland Weihnachtsmarkt in Bonn
Фотографија: DW/C. Bleiker

Еден ден подоцна, дел од гостите на божиќниот пазар во Бон отворено се противат на стравот и велат дека нема да го сменат својот животен стил поради терористичкиот напад, додека други признаваат дека ручекот на пазарот не бил ист имајќи го предвид огромното присуство на тешко вооружена полиција.

„Тие ме прават дополнително нервозна, не ме смируваат“, вели Сузане од Бон за присуството на петте полицајци во униформи на влезот на пазарот, близу до главната црква во градот.

Панцирите и големите автоматски пушки прават Сузана да се чувствува вознемирено.

„Како тоа може да помогне?“, прашува таа. „Ако некој детонира бомба тие нема да можат ништо да направат против тоа“.

Седењето дома не е опција

Полицијата во Бон го зголеми присуството на божиќните пазари како реакција на нападот во Берлин. Покрај распоредувањето на поголем број полициски сили, големи полициски комбиња беа поставени на местата каде што моторните возила би можеле да пристапат до божиќните пазари.

Маша работи во една од тезгите кои се наоѓаат на самиот почеток на божиќниот пазар. На весело декорираниот штанд на „Дунитал“ таа продава колачиња и рачно напоравени чоколада. Маша вели дека полициското комбе паркирано веднаш до нејзината тезга направило таа да се чувствува подобро.

Deutschland Weihnachtsmarkt in Bonn
Фотографија: DW/C. Bleiker

„Загрижена сум дека нешто такво (како нападот во Берлин) може да се случи и овде“, изјави таа. „Но, да не ја отворам тезгата денес не беше алтернатива. Сега, со полицијата тука, има чувство на безбедност“.

Две повозрасни жени кои уживаат во варено вино на еден од штандовите на Фриденсплац исто така велат дека останувањето дома не е опција за нив. Една од нив признава дека нападот во Берлин ја вознемирил. „Ми предизвика морници“, вели таа. Но сепак, таа не сака да биде под влијание на стравот од тероризам.

Нејзината пријателка е повеќе загрижена за подемот на десничарскиот екстремизам откако во извештаите по нападот беше споменато дека осомничен е пакистански азилант.

„Убиствата одат на сметка на Меркел“

Хуберт Маркман е еден од браќата кои заеднички го водат штандот за колбаси и месо „Алмхјуте“. Тој ни објасни зошто утрото по нападот морал да се појави на работа и да ја отвори тезгата.

„Сега не смееме да подигнуваме ѕидови“, нагласува тој за ДВ. „Имам пријатели кои за малку ќе загинеа во понеделникот во Берлин. Тоа е ужасна ситуација. Но, доколку почнеме да се ограничуваме и да го менуваме начинот на кој живеме сега, терористите ќе се чувствуваат како да се на вистинскиот пат“.

Маркман гласно зборува за фактот дека Германија не може да го спаси светот и дека треба повеќе да се грижи за домашните проблеми отколку да троши пари на домови за бегалците. Во затворениот дел на неговиот штанд „Алмхјуте“ се собира и мала публика.

Средовечна двојка од малата публиката во знак на согласување клима со главата, по што мажот предлага Маркман да отиде кај Ангела Меркел и да внесе малку разум во нејзините ставови.

„Меркел, ха!“ вели Маркман. „Убиствата одат на нејзина сметка“.

Незнаењето е блаженство

Политичарите од десничарската Алтернатива за Германија (АФД) и нивните поддржувачи веќе упатија обвинувања на сметка на Меркел и нејзината политика кон бегалците.

Една жена од Боливија, која на божиќниот пазар продава божиќни украси, за ДВ оценува дека омразата и гневот ја загрижуваат исто колку и самиот напад.

Deutschland Weihnachtsmarkt in Bonn
Фотографија: DW/C. Bleiker

„Се надевам дека нема да има последици кон бегалците и мигрантите“, вели таа.

Не сечие расположение е под влијание на нападот во Берлин. Неколкумина минувачи на прашањето дали се уплашени по она што се случи во Берлин, сакаа да знаат што се случило во Берлин.

Чен и Леа, студенти на универзитетот во Бон од Тајван, ни велат дека слушнале за нападите. Но исто така, ни објаснуваат дека не се загрижени, ниту изненадени.

„Тоа може да се случи секаде и Германија е цел“, оценува Чен. „Каде и да си, не можеш да избегнеш такво нешто да се случи“.