1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија - втора татковина за источноевропските работници

Анете Дитерт / Александар Методијев14 јули 2013

Од проширувањето на ЕУ кон Исток во 2004 година, Велика Британија стана една од првите цели на работниците-мигранти од Полска. Во иднина тоа треба да биде отежнато.

https://p.dw.com/p/18UxS
Фотографија: Getty Images

Тој се вљуби во градот при првата посета. Кога минатото лето Леслав дојде во Лондон, тоа требаше всушност само да биде посета на пријателите. Наместо тоа, тој остана тука. Нему му се допаднаа мноштвото шарени куќи лепенки и оџаците од камините, кои го потсетуваа на Хари Потер. А, нив ги црта во слободното време.

„Ми се допаѓа разноликоста - секој камин е различен, секоја врата е шарена. Ми се допаѓа и толеранцијата - луѓето на улица се смеат и постојано се извинуваат, дури и кога ти ќе се судриш со нив“, објаснува молерот Леслав Боцковски.

Леслав е еден од стотиците илјади Полјаци кои тука живеат и на Британците им ги поправаат нивните шарени и влажни куќи. Тој и дома, во Вроцлав, работел како молер, но платите во Лондон се подобри.

„И работата овде е супер, бидејќи Англичаните не се толку пробирливи како Полјаците или Германците, кај кои секогаш се’ мора да биде перфектно“, објаснува молерот од Полска.

Среќен е и неговиот англиски шеф Ник, бидејќи Полјаците за него се поевтини отколку англиските работници, но пред се’ се попрецизни, потемелни и посигурни.

„Тие не прекинуваат со работа во 16 часот, како Англичаните, туку имаат едноставно сосема поинаков работен морал. Такво е моето искуство и тоа ми се допаѓа“, вели Ник Остин.

Сепак, овде сите чувствуваат дека расположението во земјата се менува откако и на самите Британци економски им е се’ потешко.

Symbolbild Deutsche Gastarbeiter in Großbritannien
Британците се жалат дека Источноевропејците им ја земаат работата прифаќајќи да работат за помали платиФотографија: DW/picture-alliance

„На почетокот бевме ентузијастички прифатени, но тоа сега се промени, бидејќи многу повеќе луѓе пристигнаа, отколку што тие очекуваа. Не беа неколку илјади Полјаци, туку веднаш, на почетокот тука пристигнаа половина милион. А, ова се само официјалните бројки. Сега многумина од нас се чувствуваат како да се притиснати до ѕид“, објаснува градежниот работник Томек Гаврон.

Полјаците останаа странци на островот. Најголемиот дел од нив сакаат колку што е можно побргу да заработат колку што е можно повеќе и потоа да се вратат дома. Многумина воопшто не го учат англискиот јазик, а квартовите во кои живеат изгледаат неверојатно слично на татковината. Илинг, на пример, во Западен Лондон. Тука, Хари Потер го има дури и на полски.

Малкумина Британци останаа да живеат во овој кварт и тие се забарикадирани во своите пабови и за себе гледаат мрачна иднина. „Десетте клучеви“ е стар работнички клуб. Овде во најголем дел беа вработени градежници - пред да дојдат Полјаците, тоа оттогаш е минато.

„Тие го убија градежниот сектор. Јас сум молер веќе 30 години, а од пред пет години овде се пее лебедовата песна. Не сум доживеал нешто олку лошо. Се обидуваш да добиеш работа, ама секогаш кога ќе ја кажеш цената, Полјаците и Босанците нудат тоа да го направат за половина поевтино“, вели еден посетител на пабот кој сака да остане анонимен.

Меанџиката тука е на страната на муштериите. Таа сега стравува повеќе од Бугарите и Романците, отколку од Полјаците:

„Тоа тука сите вистински ги вознемирува, оти тие не доаѓаат за да работат, туку за да профитираат од нашиот социјален систем. Тоа сите овде ги разбеснува. Не треба да се пуштаат да влезат“.

Ова влева страв кај големата полска заедница на островот. На богослужба само во црквата во Илинг редовно секоја недела во смени доаѓаат по десет илјади верници. Тие стравуваат дека сега ќе бидат фрлени во ист кош со Бугарите и Романците, објаснува меѓу две миси свештеникот, кој веќе десет години тука се грижи за полската заедница.

City of London Skyline
Куќите и зградите во Лондон се влажни и бараат одржувањеФотографија: Getty Images

„Многумина се загрижени што сега ќе се случи под овој политички притисок од десно, бидејќи ќе бидат непријателски третирани, ако дојдат уште повеќе Источноевропејци. Сега ќе биде потешко и за новодојдените, бидејќи има се’ помалку работни места, дури и за добри специјалисти“, објаснува Павел Наваљањец, поп на полската заедница во Лондон.

Од друга страна новите источноевропски имигранти сега ќе се распостелат низ цела Европа. Леслав на иднината сепак гледа поспокојно.

„Овде добрата работа секогаш ќе биде потребна. Ако пак расположението стане уште поантиевропско и ако Британците сакаат да излезат од ЕУ - нека повелат. Тогаш злотите во однос на фунтите ќе добијат на вредност, што е добро за нас“, вели молерот Леслав Боцковски.

Толку лесно Полјаците не се предаваат. Посебно не во лоши времиња.