1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велика Британија смее да екстрадира во САД петмина осомничени терористи

СН/ЕМФ/дпа/миа/ртр10 април 2012

Властите во Лондон можат да го испорачаат озологласениот радикален свештеник Абу Хамза и четворица други британски муслимани, кои во САД се осомничени за тероризам, одлучи судот во Стразбур.

https://p.dw.com/p/14aGq
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: picture-alliance/dpa

Европскиот суд за човекови права денеска (10.04) пресуди дека решението на британските правосудни власти за испорака во САД на петмина британски муслимани, осомничени за тероризам, е во согласност со законите.

Судот во Стразбур пресуди дека екстрадицијата нема да биде во спротивност со членот 3 од Европската конвенција за човекови права, кој заговара забрана на нехуман и деградирачки третман. Во решението на судот се вели дека во пет од шесте случаи за кои беше поднесена жалба на решението за екстрадиција не постои закана за човековите права за обвиниетите, кои се соочуваат со долгогодишен или доживотен затвор. Случајот на шестиот британски муслиман, кој треба да биде екстрадиран во САД е одложен.

Најпознат меѓу британските муслимани барани од САД е радикалниот исламистички верски лидер Абу Хамза, кој веќе седум години е во британските затвори, затоа што беше осуден за поттикнување на убиство и за расна омраза.

Abu Hamsa al-Masri
Абу ХамзаФотографија: AP

Американците бараат екстрадиција за Хамза, кој во САД е обвинет за 11 кривични дела, меѓу кои за учество во грабнувањето и држењето на 16 заложници во Јемен во 1998 година, за поттикнување насилство во Авганистан во 2001 година, како и за учеството во заговорот за создавање камп за обучување на терористи во сојузната американска држава Орегон.

Хамза е по потекло од Египет, но уште од 1986 година има британско државјанство. Тој во 2003 година се судри со британските власти кога во џамијата во Лондон, во која вршеше верски проповеди, ги одобруваше терористичките акции на младите муслимани против Западот. Кога неговата џамија беше затворена, тој во знак на протест проповедите ги држеше на улица.

Меѓу оние кои чекаат да бидат префрлени во САД на судење е и Бабар Ахмад, кој без судење безмалку осум години е во затвор во Велика Британија, откако уште во 2004 година Американците побараа негова екстрадиција.