1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Степенот на тревога од тероризам на највисоко ниво

СН/ агенции
24 мај 2017

По самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, британската влада го подигна степенот на тревога од тероризам од „сериозен“ на „критичен“. Во Манчестер пак им беше оддадена почит на жртвите на перфидното злосторство.

https://p.dw.com/p/2dUT8
UK | England erhöht Terrorwarnstufe
Фотографија: Reuters/S. Wermuth

Заканата од тероризам, врз основа на истрагите, сега е означена како критична, изјави британската премиерка Тереза Меј во синоќешното телевизиско обраќање. Тоа значи дека нов напад би можел непосредно да претстои. Не смее да се игнорира тоа дека е можно поголема група на поединци да била вклучена во нападот во Манчестер во понеделникот вечерта, изјави Меј.

Таа уште додаде дека војската ќе ја растовари вооружената полиција од задачите за обезбедување на објектите од јавен интерес и со тоа ќе бидат овозможени повеќе полициски патроли. Војници би можеле да им даваат поддршка на полицајците и при големи настани, како концерти и спортски манифестации. Меј истакна дека воените сили притоа ќе бидат под команда на полицијата. Британската премиерка изјави дека не сака дополнително да го вознемирува населението, но овие мерки се соодветни и разумни. Британската полиција утринава сопшти дека ќе го зголеми бројот на полицајци кои ќе патролираат на улиците на Лондон и оти војската ќе ги обезбедува клучните објекти, вклучително и Бакингемската палата и седиштето на владата на улицата Даунинг број 10.

Манчестер им оддаде почит на загинатите

Тага и ужаснатост по нападот во Манчестер

Во нападот во Манчестер, непосредно по крајот на концертот на американската пејачка Аријана Гранде загинаа најмалку 22 лица а уште околу 60 беа ранети, меѓу нив многу деца и млади. Сѐ уште луѓе се водат како исчезнати. Истражителите го идентификуваа 22-годишниот Салман Абеди како веројатниот бомбаш-самоубиец. Во рамките на истрагата полицијата приведе едно лице но не соопшти повеќе информации во врска со апсењето. Утринава министерката за внатрешни работи на Велика Британија, Амбер Рад истакна дека Абеди и претходно ѝ бил познат на полицијата и оти најверојатно не дејствувал сам.

Во текот на вчерашниот ден пак во Манчестер се одржа комеморација за жртвите во терористичкиот акт. Илјадници луѓе со минута молчење им оддадоа почит на загинатите, но и порачаа: „Не се плашиме“.

Таканаречената Исламска држава инаку ја презеде одговорноста занајтешкиот атентат во Велика Британија по речиси 12 години. Нелогичностите во наводите на екстремистичката милиција сепак создааваат сомнежи кај безбедносните органи дека Исламска држава навистина стои зад крвавиот напад.