1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венецијанската комисија работи како пожарникар

5 јуни 2010

Комисијата за демократија преку правото, денес во Венеција одбележува 20 години од основањето. На прославата како претседавач со Комитетот на министри учествува и шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.

https://p.dw.com/p/Nilx
ВенецијаФотографија: picture-alliance/ZB

Венецијанската комисија во изминатиот период беше често повикувана да го дава своето мислење за клучните закони кои се носеа во Македонија. Нејзиниот претседател Џани Букикио глобално е задоволен од соработката со Македонија.

„Имам добри сеќавања од соработката, која постои одамна. Се сеќавам дека ние по барање на Франсоа Леотар бевме интензивно вклучени во изработката на Охридскиот договор. Потоа, продолживме да соработуваме со Уставниот суд и дадовме мислење по повеќе нацрт закони. Од оваа наша соработка имам чувство на задоволство, бидејќи многу наши совети беа прифатени од македонските власти.“

Охридскиот договор е гаранција за стабилноста на Македонија

Букикио посебно инсистира на значењето на Охридскиот договор за стабилноста на Македонија.

„Охридискиот договор ја гарантира стабилноста на Македонија, тој не е заштитен од потреси, што го видовме во минатото, но тој издржа досега. И се надевам дека ќе продолжи да издржува. За Македонија е важно да има поголема стабилност, посебно во фазата на пристапување кон ЕУ. Затоа е потребно сите политички сили да бидат свесни за одговорноста која ја сносат за иднината на земјата.“

Потребна е заштита на незавсиноста на Уставните судови

Symbolbild Gesetze Paragraph
Она што ќе го предложи Венецијанската комисија, најчесто се прифаќаФотографија: BilderBox

За критките на кои беше изложен Уставниот суд во Македониј за некои од неговите одлуки, претседателот на Венецијанската комисија нагласува дека тоа е судбината на сите Уставни судови.

„Бидејќи нивната прва задача е да ја прогласуваат уставноста или неуставноста на законите. Владите и парламентите кои ги предлагаат законите се разбира не се задоволни од неговите одлуки. Критиките треба да бидат дозволени, тие се дел од слободата на изразување. Но, важно е апсолутно да се избегне казнувањето на Уставниот суд, за некои негови одлуки , нешто што веќе било случај во некои земји. Потребно е да се заштити независноста на овие судови, тие се тука за да ја кажат вистината за еден закон. Се разбира секој може да згреши, но во Уставните судови има мудри луѓе и грешката ми изгледа тешка, затоа треба да се прифати она што судот го кажува.“

Венецијанската комисија ништо не наметнува

Џани Букикио, притоа, инсистира на фактот дека Венецијанската комисија работи како пожарникарите, таа се појавува само кога има потреба од неа.

„Ние ништо не наметнуваме, туку само советуваме, сугерираме и предлагаме, потоа државите се тие кои одлучуваат дали тоа ќе го прифатат или не. Нашите мислења не се задолжителни. Најчесто нашите предлози се прифаќаат.“

Сепак, претседателот на Комисијата за демократија преку правото, целосното име на Венецијанската комисија, потсетува дека има мислења кои се задолжителни: „Не поради тоа што ние тоа го кажуваме, туку ако тоа не се направи така, тогаш доаѓа до кршење на Европската конвенција за човекови права и на европските стандарди и норми.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска