1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос: Прашањето за името не е решено, но можни се промени

Тони Гламчевски21 јануари 2014

Шефот на грчката дипломатија пред Комисијата за надворешни работи на ЕП за недавањето датум за почеток на преговори со Македонија ја обвини „државната идеологија во земјата и односите со соседите, посебно со Бугарија“

https://p.dw.com/p/1Au7M
Фотографија: Reuters

Зборувајќи пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, каде ги претстави приоритетите на грчкото претседателство со ЕУ, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, што се однесува до Република Македонија, изјави:

„Случајот со ПЈРМ ќе биде разгледуван без дискриминација“, а притоа тој нагласи дека веќе два пати се сретнал и разговарал со министерот за надворешни работи на ПЈРМ во Брисел и Њујорк.

„Имав контакти и со г-динот Ахмети, кој е лидер на албанската партија - дел од владејачката коалција, чија партија е умерена. Ние ќе продолжиме да имаме односи со земјата и се согласуваме дека во името на земјата треба да има географска одредница. Станува збор за име кое ќе дозволи негово користење на внатрешен и надворешен план.“

Понатаму грчкиот министер за надворешни работи призна пред европратениците дека не е лесно да се смени уставот за да се прифати една специфична одлука, но тоа може да се направи.

„Тоа е нерешено прашање (прашањето за името,н.з.), но можни се се‘ уште измени. Ние знаеме дека имаше промени на уставот. Во однос на земјата и почетокот на преговорите тоа не е само прашање на името, туку прашање за почитувањето на критериумите од Копенхаген, правната држава“, нагласи Венизелос.

На крајот тој со обвинувања до македонските власти го оправда недавањето на датум за почеток на преговорите со Македонија, за него причина се:

„Државната идеологија која е на сила во земјата во однос на другите земји, посебно кон Бугарија, потоа прашањата поврзани со вредностите на Европската унија или критеримуите кои земјата треба да ги почитува“.

Хауит само промовира двојазичност, а не бара нејзина задолжителност во Македонија

Комисијата за надворешни работи денес ќе треба да ја изгласа предложената резолуција со нејзините амандмански измени за напредокот на Република Македонија во 2013. година.

Во расправата која се водеше во врска со амандманите на резолуцијата, најголемиот дел од европратениците, посебно од народните партии се осврнаа на прашањето за барањето воведување официјално двојазичност во Македонија.

Richard Howitt
Ричард ХауитФотографија: Getty Images

Известувачот во сенка Едуард Кукан, посебно беше критичен за промената на тонот во говорот на известувачот за Македонија, европратеникот Ричард Хауит, барајќи објаснувања дали тоа значи дека другиот дел од населението треба да учи албански јазик.

„Ако некој мене во Словачка ми рече дека треба да учам унгарски, јас сигурно дека ќе протестирам“, рече во таа прилика Кукан.

Чарлс Танок, загрижен околу предложената двојазичност, смета дека не треба да биде обврзувачко изучувањето на јазикот на другите.

„Јазикот на државата е македонски, мислам дека отидовте предалеку да и‘ наложувате на една земја кандидатка кој јазик треба да се изучува кај неа. Сметам дека треба внимателно и да објасните што мислите со тоа. Не треба да се оди предалеку и да се навлегува во надлежностите на сувереноста на една земја и што треба да се предава во училиштата“, рече Танок.

Во таа насока се движеше и дискусијата на Андреј Пленковиќ и Ана Ибрисагиќ, која побара објаснување за употребата на терминот ултранационализам во резолуцијата, бидејќи толкувањето на тој термин во Шведска е многу поразличен.

Во одбрана на ова, Хауит рече дека неговата резолуција не повикува на двојазичност во земјата и дека за тоа била постигната согласност при изработката на компромисните амнадамани.

„Во амандамнот се бара промовирање на двојазичноста. Промовирањето не значи задолжително изучување, никој не може да ме обвини дека сум имал таква намера. Постои загриженост околу ова и ќе бидам среќен ако најдеме некоја посоодветна формулација.“

Во однос на употребата на термионот на ултранационализам, Хауит тврди дека со него не се осудува никого, туку според размислувањето при изработката на текстот за Македонија, употребата на терминот националаизам, кој може да подразбира и патриотизам, било одлучено да се употреби терминот ултранационализам, за што никој не е обвинет во земјата.

Хауит не се согласи со критиките на бугарските европратеници, како таа на Андреј Ковачев, дека македонските власти не се подготвени да ги спроведуваат резолуциите на Европскиот парламент и дека не се подготвени за заеднчки прослави.

Во дебатата скоро сите европратеници изразија жалење поради фактот што Македонија се‘ уште нема започнато преговори со ЕУ, повикувајќи тоа да се направи во текот на грчкото претседателство, како што рече Никола Вулјаниќ: „Кој друг може да помогне во тоа, ако не грчкото претседателство“.

Европратениците како, Корнелисен и известувачот Хауит изразија поддршка на инцијативата на посредникот на ООН во спорот за името и неговиот предлог за компромисното решение да се најде и географска одредница за името.

Грчките европратеници Николаос Салавракос и Мариета Јанаку со обивнувања до македонските власти: дека ја узурпираат грчката историја, а како потврда на тоа беше посочено печатењето на нови банкноти во Македонија со ликот на Александар Македонски.

Претставникот на Европската комисија истакна дека Комисијата е подготвена и понатаму да работи и да го следи напредокот на Македонија на патот во евроинтеграциите.