1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Верата како амортизер

24 октомври 2009

Претставници на наставниците, на младите и на црквата од Германија неодамна се сретнаа во Бон за да побараат одговор на прашањето: може ли религијата да го спречи насилството кај младите?

https://p.dw.com/p/KDqP
Фотографија: picture-alliance / Tagesspiegel

Бројот млади насилници во Германија, во изминатите години се зголеми. Двете осомничени момчиња, кои во септември до смрт претепаа еден човек во Минхен, зашто застанал во одбрана на неколку деца во метрото кои тие ги матретирале, имаа 17, односно 18 години. Случајот предизвика големи дискусии и одново ја врати во преден план темата за насилството кај младите. На оваа тема беше организирана дискусија во Бон.

Прашање на кое се бара итен одговор

Очајни педагози и наставници кои бараат совет, кои не се соочени само со вообичаените проблеми на пубертетлиите, туку и со прашањата кои младите ги поставуват во врска со различни религии. Педагогот Салуа Мохамед е германска муслиманка со марокански корени. Израсната е со европската култура и смета дека однесувањето на многу муслимански родители има мала врска со исламот, а многу повеќе со општата итна потреба од давање одговори:

„Се работи за потрага по идентитетот, за криза на идентитетот, поврзана со таа возраст. И јас мислев дека на пример, исламот може да се поврзе со насилство, дека некој со 16 години може одеднаш да каже, сакам да се вклучам во Џихад и морам да уништам се‘ што не е муслиманско. Дека нешто се прави во името на исламот, на религијата, дека господ тоа го заповеда и затоа е можно и насилство.“

Причината често е чувство на пониска вредност

Deutschland Rechtsextremismus Jugendliche Studie
На младите им треба поддршка и разбирањеФотографија: AP

Педагогот Сабине Лабиби најчесто работи со деца со крајно проблематично однесување. Многу млади, вели таа, употребуваат телесно насилство кога не можат интелектуално, или јазично да се изразат:

„Тоа доаѓа од чувството на пониска вредност. Мора да создадеме клима во која и личностите кои не можат толку добро да се изразат, ќе чувствуваат дека имаат вредност и ќе добијат свое место во нашето општество.“

Религијата - со нова улога

Телевизијата и компјутерските игри често се полни со насилство. Постојано се прикажуваат војни и сцени со употреба на сила. Кај момчињата не само што се зголемува бројот на насилници, туку расте и степенот на бруталност. Во вакви случаи, религијата не може да игра главна улога во решавањето на проблемите, но сепак може да преземе позитивна функција, смета Сабине Лабиди.

„Младите кои веруваат во господ, доаѓаат во контакт со извесни вредности, веруваат дека постои некој кој може да им помогне, нема да дојдат на идеја да направат нешто неправедно, да употребат сила.“

Deutschland Jugendkriminalität Verbrechen Gewalt in der U-Bahn München
Напад врз минувач во МинхенФотографија: AP

Вакво мислење дели и свештеникот Михаел Шефер од Бон. Но тоа функционира само при меѓусебно почитување на религиите, а не како во минатите столетија:

„Мислам на нашите монотеистички религии: исламот, еврејството, христијанството, малку направиле против насилството, напротив, дури го поттикнувале, зашто секоја се сметала самата за вистинската религија. Само преку верата во господ, како што си го претставуваме, можеме да стигнеме на небото, а сите други тоа нема да можат, па мораме во принцип да ги принудиме да ја прифатат нашата вера. Самата принуда, желбата за убедување и неприфаќањето и непочитувањето на другите е веќе голем момент на насилство.“

Почит, прифаќање и доверба беа вредностите кои беа истакнувани во дискусијата. И луѓето од друга религија треба да се прифатат со добредојде, а црковните заедници имаат задача да се грижат за добриот соживот во својот кварт, потенцира свештеникот Шефер.

Поддршката е магичниот збор

Ако верата може да го спречи насилството, кој би бил следниот чекор? Меѓусебно приближување и отворено разговарање, смета Салуа Мохамед:

„Разубавување и дипломатија - не! Јас се плашам од тебе, ти си муслиман, не знам кога ќе се разнесеш во воздух, исто така не. Но, мора да се направи почетен чекор и да се каже, чувствувам недоверба кон тебе, се плашам од тебе, зошто носиш шамија? Дали ќе бидеш присилен на брак, те тепа ли татко ти? Едноставно да се разговара за вакви работи, тоа го правам со младите.“

А на многу млади од социјално послабите слоеви им недостасуваат примери, личности кои ќе ги почитуваат и според кои ќе можат да се ориентираат. Им недостасуваат перспективи, позитивни животни искуства и самопочит. Затоа на овие деца треба да им се всади доверба, вели Сабине Лабиди:

„Најмалку што можам да направам е на овие деца да им пренесам чувство - ти имаш своја вредност, ти си нешто посебно и си господово, сакано дете. Тоа е доволно, ним тоа им треба. “

Автор: Лидет Абебе / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска