1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер остана непоразен во Милано

Костадин Делимитов2 октомври 2008

Вердер Бремен останува со добри шанси да ја мине фазата по групи во Лигата на шампионите. Во Милано, германскиот претставник одигра нерешени 1:1 против актуелниот шампион на Италија, Интер.

https://p.dw.com/p/FSrB
Играчите на ВердерФотографија: AP

Избраниците на тренерот Томас Шааф, со дисциплинирана игра се изборија за ремито, а доколку во финишот на натпреварот Клаудио Пизаро реагираше малку подобро, можеа да ги однесат и трите бодови.

Fussball Bundesliga Bayern München Werder Bremen
Томас ШаафФотографија: AP

Инаку, Интер дојде во водство уште во 13. минута со голот на Маикон, по грешката на одбранбените фудбалери на Вердер. Израмнувачкиот гол го постигна Клаудио Пизаро, во 63. минута. Според она што го видовме во Милано, резултатот е реален, иако Интер, за нијанса беше поопасен. Расположен за игра беше Златан Ибрахимовиќ, но само до моментите кога требаше да ја покаже својата ефикасност.

Кипарско изненадување

Во вториот натпревар од групата „Б“, кипарски Анортозис, дебитантот во елитното натпреварување, го совлада грчки Панатенаикос со 3:1. На табелата водат Интер и Анортозис со по четири освоени бодови, Вердер е трет со два бода, Панатенаикос последен, без ниту еден освоен бод.

Во групата „А“, Челзи на гостувањето во Клуж одигра без голови, Рома во Бордо славеше со 3:1. Спортинг -Базел 2:0 и Шахтјор-Барселона 1:2, беа резултатите во групата „Ц“. Во групата „Д“ Ливерпул го совлада ПСВ Ајндховен со 3:1, Атлетико Мадрид беше подобар од Марсеј - 2:1.

Трка за групната фаза во Купот на УЕФА

Fussball Bundesliga 2008 Mannschaftsbild FC Schalke 04
Тимот на ШалкеФотографија: picture-alliance /dpa

Инаку, денеска (02.10.2008) во Европа повторно ќе се игра фудбал, во рамки на купот на УЕФА. Пет германски клубови ќе се обидат да обезбедат пласман во фазата по групи, каде веќе се наоѓа Херта од Берлин. Шалке 04 со предност од 4:1 му гостува на Хапоел во Никозија. Штутгарт патува во Варна на реванш против Черно Море. Првиот натпревар заврши со 2:1. Волфсбург има минимална предност од 1:0 во реваншот во Букурешт против Рапид. Хамбургер е гостин на романскиот Униреа. Првиот дуел заврши без голови. Најтешка задача има Борусија Дортмунд, која му гостува на Удинезе. Првиот натпревар гостите го добија со 2:0.