1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Весело и мирно

1 јануари 2011

Граѓаните на Македонија во весела атмосфера и со многу желби за здравје, среќа, љубов, но и повеќе пари, ја дочекаа Новата 2011 година. Традиционално најмасовно се прославуваше на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

https://p.dw.com/p/Qlje
Фотографија: Ognjen Alujevic

За одличниот штимунг на големата забава под отворено се погрижија хрватските пејачи Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ. Заедно со македонските колеги Елена Ристеска, Кристина Арнаудова, Ребека, Арбен Шаќири, Сузана Спасовска, Соња Тарчуловска и Гоце Арнаудов, новогодишната журка траеше до доцна во ноќта. Првите моменти од Новата година, традиционално, беа одбележани со спектакуларен огномет.

Не беше полно само на плоштадот, туку и во кафеаните, кафулињата, дискотеките. Сепак, најголемиот дел Новата 2011. ја дочекаа во домашна атмосфера со најблиските. Првата минута во Новата Година им донесе огромна радост на семејството Шипинковски кои добија ќерка, првородено бебе во Македонија. Радува податокот дека прославата поминала мирно без посериозни инциденти. Непопуларниот биланс овојпат е само неколкумина кои претерале со конзумирање алкохол и неколкумина повредени од пиротехнички материјал.

Flash-Galerie Silvester Party Zuhause
Фотографија: picture-alliance/maxppp

По традиција, претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов денеска ги посети припадниците на АРМ во околината на Скопје. Во својата новогодишна порака Иванов ги повика граѓаните на поголема слога и поголема самодоверба во новата 2011-та. Премиерот Никола Груевски порача дека и во 2011 година ќе продолжи со исполнувањето на ветеното на граѓаните на последните избори. Лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, пак, во новогодишната порака нагласи дека во 2011-та предизвикот е народот да одлучи каква држава сака да биде Македонија во иднина.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска