1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле во Киев: Украина припаѓа кон Европа

ЖА/дв/дпа/афп/ртре5 декември 2013

Украинската проевропска опозиција сака со долготрајна блокада на Парламентот да изнуди промена на власта во земјата. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ги посети демонстрантите во Киев.

https://p.dw.com/p/1ATHb
Фотографија: DW/O. Sawitsky

„Ќе го блокираме Парламентот сѐ додека владата не поднесе оставка и Јулија Тимошенко не биде ослободена од затвор“, изјави Арсени Јаценјук, шеф на пратеничката група на Татковинската партија, на поранешната украинска премиерка во Киев. Светскиот првак во бокс Витали Кличко, кој ја предводи опозиционата партија Удар, со пратениците ја запоседна парламентарната говорница и така изнуди прекин на седницата. Предлогот на опозицијата за изгласување недоверба на владата не вроди со плод, не беа собрани доволно гласови.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој е во Киев на средба на ОБСЕ, ги посети антивладините демонстранти на Плоштадот независност во главниот град на Украина.

По разговорот со опозициските лидери Виталиј Кличко и Арсениј Јаценјук, Вестервеле се прошета по плоштадот, каде беше поздравен од демонстрантите. Вестервеле по средбата со демонстрантите изјави дека ЕУ сака да развива сѐ поблиски односи со Украина.

„Ние сме тука како Европејци кај Европејци. Ние ги промовираме европските вредности и порачуваме дека вратите на ЕУ остануваат отворени. Украина треба да биде во Европа, бидејќи многу работи нѐ обединуваат“, истакна германскиот министер за надворешни работи.

Ukraine Antiregierungsprotest in Kiew 4. Dezember Barrikaden
Опозицијата не попушта под притисокот на властаФотографија: picture-alliance/dpa

Под притисокот на Русија, Украина пред околу две недели го стопираше планираниот Договор за асоцијација со ЕУ. Оттогаш во земјата непрекинато траат протестите против курсот на украинскиот претседател Виктор Јанукович и премиерот Микола Азаров, а постојано доаѓа и до судири со полицијата.

На првата владина седница по почетокот на протестите, Азаров се закани со поостар приод кон демонстрантите, со казни за оние кои ги кршат законите. Тој побара од Западот да не ги потпалува протестите:

„Парламентот ни изкгаса доверба, овој факт мора да го признае и опозицијата и оние во странство“, изјави Азаров.

Вестервеле, кој присуствива на конференција на ОБСЕ во Киев, треба денеска да се сретне и со Азаров. Претседателот Јанукович пак се наоѓа во посета на Кина, каде со кинеското раководство преговара околу инвестиции во стопанството на поранешната советска република.