1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле: Гадафи да положи сметка на суд

22 август 2011

Германија го повика либискиот лидер Моамер Гадафи да се повлече, откако бунтовниците симболично го зазедоа срцето на главниот либиски град Триполи.

https://p.dw.com/p/12LFd
Германскиот министер за надворешни работи бара апсење и судење на ГадафиФотографија: picture alliance/dpa

Ставот на официјален Берлин е дека секој час што Гадафи останува на власт „чини човечки животи“. Министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле, изјави дека либискиот лидер треба да се уапси и суди.

„Треба да положи сметка пред суд“, рече Вестервеле во Берлин. „Времето на диктаторот истекува“, додаде министерот. Тој додаде дека Гадафи бил суров деспот, кој водел војна против сопствениот народ. Судењето мора да се спроведе, без разлика дали во Либија или пред меѓународен суд, смета Вестервеле. Но, тој има порака и до бунтовниците, од кои бара да се движат кон демократија, а за тоа нуди и германска помош.

Германија смета дека нема потреба од странски мисии во Либија

Libyen Bengasi Menschen feiern Nachricht Aufstand Tripolis
Официјален Берлин бара од бунтовниците да се движат кон демократијаФотографија: dapd

Министерот за одбрана, Томас де Мезие, во меѓувреме изјави дека смета оти странски трупи нема да бидат потребни за одржување на мирот во Либија.

„Сигурни сме дека во пост-Гадафи ерата, земјата ќе ја задржи стабилната структура, како што направија останатите арапски земји. Тоа се случи во Тунис и Египет“, рече министерот за одбрана во интервју објавено во весникот „Рајнишер Пост“.

Портпаролот на владата, Штефан Зајберт на редовниот брифинг за новинарите кажа дека е јасно оти Либија ја достигна „точката на пресврт“.

„Се‘ укажува на фактот дека крајот на режимот на Гадафи е на дофат“, рече Зајберт, додавајќи дека лидерот-ветеран ја загубил целата своја легитимност.

Thomas de Maiziere in Israel
Германскиот министер за одбрана смета дека Либијците сами можат да се грижат за редот во земјатаФотографија: dapd

„Но, очигледно дека борбите продолжуваат, а продолжува да тече и крв. Затоа, германската влада силно кажува дека полковникот Гадафи мора да се предаде. Секој час што бесчувствително се држи на власт, која повеќе и не постои, чини човечки животи и води кон понатамошно тешко уништување“, вели портпаролот на германската влада, Зајберт.

Тој вели дека Берлин е подготвен да го помогне либискиот процес на „политичка, материјална и секако морална обнова“.

Германија во март се воздржа од гласање во Советот за безбедност на ОН, кој дозволи мисија во Либија за заштита на цивилите и примени воведување зона без летови. Таа беше единствената членка на ЕУ и НАТО што го направи тоа и предизвика критики од страна на клучните сојузници.

Автор: АМ/БГ/афп/дпа

Редактор: Е.М.Фиданоска