1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле го објасни грчко-македонскиот спор пред граѓаните

Силвера Падори-Кленке26 август 2013

Во рамките на „Отворените врати“ во германското МНР, Гидо Вестервеле на Форумот за Европа се обиде да го објасни македонско-грчкиот спор околу името! Голем интерес имаше за вработувања во МНР.

https://p.dw.com/p/19VuY
Фотографија: DW/Silvera Padori - Klenke

„Што ќе правите по септември и дали во иднина повеќе ќе се ангажирате околу решавањето на македонско-грчкиот спор околу името?“, беше прашањето кое ДВ му го постави на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле на Форумот за Европа со граѓаните кој беше вистински хај-лајт на отворените врати на сојузното германско МНР, кое викендот (24/25.08) го посетија илјадници граѓани. „Второто прашање е многу важно и како знаете, е мошне компклицирано! Жалам што до сега немаше значаен напредок. Со оглед што е специфично прашање многумина од присутните граѓани можеби и не знаат за што станува збор, па би појаснил дека Македонија е мала земја, сосед на Грција. Таму има расправија околу името на државата која е создадена по распаѓањето на Југославија. Поточно, од историјата знаеме за Александар Велики и сл, и важно е како оваа земаја, која се нарекува Македонија, посилно би била прифатена во меѓународните гремиуми, зашто Грција е убедена дека Македонија е грчка ознака. Тоа е проблем што може да се надмине само со разумно преговарање, што до сега не беше случај! Што се однесува до тоа што ќе правам по септември, може едноставно да кажам: ќе одам понатаму...Вака или онака“, одговори сојузниот германски министер Гидо Вестервеле пред посетителите на дискусијата посветена на Европа.

Интерес за кариера

Во текот на викенд на покана на Владата, беа отворени вратите на владиниот кабинет и сите министерства. Германското сојузно министерство за надворешни работи беше цел на илјадници Берлинчани и гости на престолнината кои ја искористија поканата и директно погледаа дел од она што го има вториот по големина објект во Берлин (по аеродромот Темпелхоф). За љубопитните беа отворени и бирото на министерот за надворешни работи и таканаречената „Соба на Бизмарк“. Сепак, најголемо интересирање и вистинска река млади, имаше за практични работи, како на пример штандот со информации за кариерата во дипломатијата.

Tag der offenen Tür der Bundesregierung
Големо интересирање за вработување и создавање кариера во германското МНРФотографија: DW/Silvera Padori - Klenke

„Годинава ќе матурурам и посебно ме интересираат можностите за работа во германското МНР. Секако дека сакам да студирам, но сметам дека би можела паралелно и да работам и да стекнам искуство. Ме привлекуваат далечините и сакам да живеам и работам во странство. Посебно се интересирам за правото и конзуларно-административните работи. Ќе се обидам да добијам најпрво некаква пракса, а потоа ќе видиме“, вели за ДВ деветнаесетгодишната Дагмар Шмит.

Преведувачите најинтересни

Многу посетуван беше и одделот за преведување. Николас Пораје, студент на романистика вели дека сонува еден ден да работи како симултан преведувач токму во германското МНР. Сака да преведува, но важно е како вели да се има сигурна работа, а германското МНР е институција која секогаш ќе постои. По игра на случајот на штандот го сретнавме и Роналд Шмигер, кој според многумина е еден од врвните преведувачи на македонски јазик. Тој е редовен придружник и преведувач на германско-македонските средби на највисоката политичка гарнитура.

Tag der offenen Tür der Bundesregierung
За симултаното преведување се создаваат индивидуални знаци и кратенки. - Роланд ШмигерФотографија: DW/Silvera Padori - Klenke

„Од сите штандови може да се пофалиме дека нашиот е еден од најпосетуваните. На таблата луѓето гледаат испишани симболи и прашуват што значат, или ги интересира како е во кабината за симултан превод, кои се тешкотиите, што може да се доживее“, кажува Роналд Шмигер, потсетувајќи дека преведувачите се обврзани на тајност, но она што може да се каже јавно е дека станува збор за исклучително возбудлива работа во која има најразлични ситуации: говорници - кои говорат брзо, други кои користат дијалект и тешко се разбирливи, но сите прведувачи мора, во делови од секундата, да се снаоѓаат. „Што се однесува до знаците , главно секој преведувач создава сопствени симболи и кратенки, што ќе рече тие се многу индивидуални. Сепак, има некои кои се, да речам, општо прифатени. Така на пример, бурмите се однесуваат на зборот односи, врски. Нацртаното насмеано лице се однесува на формулациите „драго ми е, се радувам“. Тажното лице значи „жалам, не ми е пријатно“. Молскавицата е секвенца за напнатост,а виолинскиот клуч знак за хармонија“, објаснува Шмигер кој 21 година работи како службен преведувач во германското МНР, а покрај студиите и едногодишната специјализација во Скопје, како вели најмногу научил од сопругата, зашто е македонски зет, а таа „приватна настава е најинтензивна и најстрога“.

Многумина посетители покажаа интерес и за делот на протоколот во дворот на Министерството - службените возила за пречек на државници, како и полициските ескорти кои ги придружуваат. Во дворот на МНР во текот на викендот се одвиваше и богата културна програма главно од музичари од Бразил каде годинава се одржува и Германската година. Покрај мини киното за најмладите, атрактивни за малку повозрасните беа микроскопите со препарати на тропски болести презентирани од Службата за здравство на министерството. Во МНР во Берлин работат триесетина лекари, главно специјалисти за заразни и тропски болести кои се грижат дипломатите и нивните семејства кои патуваат во странство благовремено да ги примат потребните вакцини. Да заминат подготвени и да се вратат - здрави!