1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле: Останувањето на Грција во еврозоната зависи од неа самата

СН/АМ/дпа/ртр/миа/дапд20 август 2012

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле се изјасни против суштинско омекнување на реформскиот пакет за презадолжената Грција. Тој во Берлин се сретна со грчкиот колега Димитрис Аврамопулос.

https://p.dw.com/p/15tEh
Фотографија: dapd

Германската влада смета дека суштински отстапки во реформскиот пакет за Грција не се возможни, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле по средбата со грчкиот министер за надворешни работи во Берлин.

„Германија сака Грција да остане во еврозоната и ќе работи во таа насока. Но, клучот за тоа е кај Атина“, му порачал Вестервеле на Димитрис Аврамопулос.

Грчкиот министер, пак, истакнал дека владата во Атина има намера да ги исполни меѓународните обврски. Средбата на двајцата министри послужи како подготовка за посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на Берлин. Тој в петок треба да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел. Непосредно пред тоа во германската престолнина треба да престојува францускиот претседател Франсоа Оланд. Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт веќе предупреди за преголеми очекувања од двете средби.

„Не треба да се смета на тоа дека на нив ќе бидат определени големи цели, ниту дека ќе бидат донесени значајни одлуки“, истакна Зајберт.

Deutschland Griechenland Finanzkrise Westerwelle trifft griechischen Außenminister
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас во интервју за весникот „То Вима“, пак, предупреди дека на Грција и’ се заканува исклучување од еврозоната, ако не ги намали расходите како што бараат меѓународните кредитори. Тој информираше дека наместо планираните 11,5 милијарди, расходите треба да бидат намалени за 13,5 милијарди евра до 2014 година. Според Стурнарас исклучувањето од еврозоната би било катастрофа за земјата.

„Не сакам да ме обесат на Синтагма. Ние треба да преживееме, да се задржиме под чадорот на еврото, затоа што тоа ќе не’ заштити од сиромаштија каква што досега не сме почувствувале“, рече Стурнарас.

Евентуалниот грчки излез од еврозоната може да се менаџира, но ќе биде многу скап и ќе резултира со зголемена невработеност, оцени германскиот член на бордот на Европската централна банка Јорг Асмусен во интервју за весникот Франкфуртер Рундшау.