1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветувањата (не) вредат пари

1 април 2010

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун соопшти дека донаторите собрани на конференцијата за Хаити сториле многу повеќе од очекуваното и за обновата на земјата ветиле речиси 10 милијарди долари во следните 3 години.

https://p.dw.com/p/MjiD
Фотографија: AP

На конференцијата за печат по завршувањето на донаторската конференција, која се одржа во Њујорк, Бан рече дека поголемиот дел од собраната сума, околу 5,3 милијарди долари се собрани од влади и од меѓународните партнери и дека тие пари ќе се искористат во првите две години.

„Пријателите на Хаити ги надминаа нашите очекувања, имаме многу добри вести“, рече Бан.

Најавената помош далеку ги надмина очекувањата, кои предвидуваа на донаторската конференција да се соберат околу 3,8 милијарди долари. Најголеми поединечни донатори во следните две години ќе бидат САД и ЕУ. Вашингтон вети нешто повеќе од една милијарда долари за развој на земјоделството, енергетиката, здравствените услуги и безбедноста во земјата.

ЕУ најави дека ќе вложи 1,6 милијарда долари за храна и зајакнување на владиниот авторитет во периодот заклучно со 2011 година. Владата на Венецуела и претставници на Интер-американската банка за развој вети по две милијарди долари помош во наредните 10 години.

„Ова е помошта која му беше потребна на Хаити за целосна обнова“, оцени генералниот секретар Бан.

Triptychon Geberkonferenz Haiti Zeltstadt 3
Луѓето на Хаити уште живеат во шаториФотографија: picture-alliance/dpa

Дали ветените пари ќе стигнат до Хаити

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и премиерот на Хаити Жан Макс Белерив ќе ја предводат комисијата која ќе ја надгледува помошта и ќе се грижи за нејзината распределба.

Flash-Galerie Haiti Wiederaufbau
Фотографија: AP

Сепак, некои експерти изразија сомневање дека ветените пари навистина ќе стигнат до Хаити. Тие предупредуваат дека слични ветувања биле давани и на други донаторски конференции, но земјите исполнувале многу мал дел од најавеното. Професорот за одржлив развој на американскиот Универзитет Колумбија, Марк Левин, вели дека не е сигурен оти земјите ќе ги исполнат очекувањата.

„Земјите донатори често во минатото заборавале на своите ветувања за Хаити. Нивните ветувања се необврзувачки“, вели тој.

Од хуманитарната oрганизација Оксфам изразија слична загриженост. „Последниот пат кога регионот беше погоден од природна катастрофа, донаторите исполнија само една третина од ветувањата“, соопштија од Оксфам.

Автор: БГ/ТТ/афп/ард

Редактор: Жана Ацеска