1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветувањата почнаа да се остваруваат

Ралф Сина23 јануари 2009

Чешкото претседателство со ЕУ ја поздрави одлуката на американскиот претседател за затворање на затворот во Гвантанамо. Обама забрани и употреба на спорни методи за испитување на осомничени.

https://p.dw.com/p/Gedn
Обама го потпиша указот за затворање на затворот во ГвантанамоФотографија: picture alliance / landov

Четириесет и осум часа по стапувањето на должност, новиот американски претседател Барак Обама започна со исполнување на предизборните ветувања. Негативниот симбол на ерата на Буш - затворот во Гвантанамо, нема да постои.

„Ќе биде затворен најдоцна во рок од една година“, рече Обама.

До 22 јануари 2010 година, Гвантанамо ќе замине во историјата. Претседателот Обама ќе се погрижи, начинот на затворање да биде во согласност со американскиот Устав. Ајде почнете со пакување, рече претседателот додека се’ уште не беше исушено мастилото на потписот што го стави на указот.

Многу работи остануваат нејасни

На пример, што ќе се прави со невините лица што се затворени во Гвантанамо. Многумина од нив седум години без обвинение се зад решетки во специјалниот американски затвор. И старо-новиот министер за одбрана Роберт Гејтс, не знае каде да се испратат овие жртви на американската војна против теророт, по затворањето на Гвантанамо.

Taliban Gefangene in Guantanamo
Дел од затворениците седат невини зад решеткиФотографија: AP

„Вистина е дека голем број од овие луѓе кои може да бидат веднаш ослободени, но за сега нема ниту една земја којашто сака да ги прими“, појасни Гејтс. Најголем дел од нив, 120 лица, доаѓаат од Јемен. Но, јеменската влада одбива да ги прими назад. Останатите невини затвореници, теоретски би можеле да се вратат во сопствените земји, но во таков случај на лицата од Кина, Русија и Либија, повторно им се заканува затвор и малтретирање.

Се забранува малтретирање

Американските организации за заштита на човековите права, како „Хјуман Рајтс Воч“, побараа од германската и останатите европски влади да и помогнат на администрацијата на Обама и да прифатат дел од овие луѓе.

Исто така не се знае ни што ќе се прави со оние затвореници коишто ја признале вината. Можно е тие да бидат префрлени во американските затвори и да им се суди во некој од судовите во земјата, а како опција се споменуваат и воените судови. Како и да е едно е сигурно.

„Под мојата влада и администрација повеќе нема да има употреба на насилство и малтретирање,“ нагласи Обама.Затворениците во Гвантанамо, повеќе не мора да стравуваат дека ќе бидат испитувани со спорни методи. Особено е забрането на затвореникот, неколку минути да му се притисне главата под вода за да се дојде до исказ.






Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема