Викиликс објави 2.420 документи на германската влада

Викиликс објави илјадници документи на агенции на германската влада кои учествуваа во истрагата за операциите на НСА во земјата.

Документите содржат 90 гигабајти информации, вклучително и многу класифицирани документи, според соопштението на интернет страницата на Викиликс. Тие се сопственост на владини агенции како сојузната разузнавачка служба БНД (на насловната фотографија) или Службата за заштита на уставниот поредок (БФВ).
Објавените материјали биле поднесени минатата година во рамките на истрагата на германскиот парламент за активностите на БНД и неговата соработка со американска НСА.
„Колекцијата содржи претходно договори меѓу БНД и НСА и внатрешни процедури во БНД, но исто така и посвежи детали за блиската соработка меѓу двете агенции“, соопшти Викиликс. „Оваа значителна нова колекција со документи од примарни извори нуди бројни нови докази (за нивната соработка)“.

Документите, според Викиликс, содржат одговори на прашања поставени од анкетните комисии како и административни документи, кореспонденција, договори и реакции. Викиликс тврди дека има 125 документи од БНД, 33 од БФВ и 72 од сојузната служба за информативна безбедност (БСИ). Меѓу податоците можат да се најдат информации и за приватните американски компании кои работат во германскиот безбедносен сектор. 

Џулијан Асанж ја обвини Германија за кукавичлук


Страв од Сноуден?!

Постапката на Викиликс се случува по одлуката на германскиот суд од минатата недела во врска со сведочењето на поранешниот службеник на НСА, Едвард Сноуден во истрагата. Доаѓањето на Сноуден во Германија беше условено со гаранција од владата дека нема им биде испорачан на САД. Минатиот понеделник, Сојузниот суд на правдата одлучи дека истражната комисија е должна да го сослуша Сноуден лично. Но на следното рочиште во четвртокот, прашањето на поканата за Сноуден беше тргнато од агендата. Претставници на германската влада велат дека ќе ја обжалат судската одлука.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ја обвини Германија за кукавичлук.
„Најголемиот дел доказите во истрагата се од документите на Сноуден, но сепак тие се плашат да му дозволат да сведочи. Германија не може да преземе водечка улога во ЕУ доколку и своите парламентарни процедури ги подредува на желбите на земја која не е членка на ЕУ“.
Според документи на Викиликс објавени минатата година, НСА прислушувала повеќе од 120 водечки германски политичари, вклучително и канцеларката Ангела Меркел.

Следете нѐ