1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вилнус - европски главен град на културата во 2009 година

Катрин Ердман 2 јануари 2009

Главниот град на Литванија, Вилнус, заедно со австрискиот град Линц ја носи титулата „Главен град на културата во Европа“. Предвидени се повеќе од 120 уметнички и културни проекти и повеќе од 900 приредби.

https://p.dw.com/p/GQie
Вилнус, средиште на културните збивања во оваа годинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Катрин Ердман опишува еден од проектите во Вилнус, главен град на културата во Европа во 2009 година, каде се очекуваат околу три милиони посетители:

Во густата шума, која инаку го голта секој шум, од некаде допира црцор на врапчиња. 25 километри североисточно од Вилнус, среде ништо, изникнува една розово обоена ниска зграда.

Внатре се собрани четириесетина жени. Тие се литвански учителки, кои, всушност, се надеваа на опуштен училишен излет. Сега мораат да облечат дебели, сини палта и да стават црвен шал околу вратот. Ниту една од жените не знае дека одовде ќе се оди директно во подземен бункер. Од едно старо радио свири руска музика. Расположението е се’ уште опуштено. Но, тоа се менува неколку минути подоцна.

Universität Vilnius
Универзитетот во ВилнусФотографија: DW/ Vitureau

Навраќање кон минатото

Сега треба да се стои исправено и да се впери погледот нагоре во чест на советската химна. Тројца актери облечени како КГБ-офицери гледаат луто во нив. Во наредните два часа жените ќе бидат вратени назад во 1984 година, кога Литванија се’ уште беше советска република.

Во колона по двајца и со марширачки чекор жените се спуштаат шест метри во длабочина во 2.500 квадратни метри големиот бункер. Мириса на влага. Влажниот студ веднаш пробива низ дебелите палта.

Учителката по германски јазик, Одета, не претчувствува ништо добро.

„Маки, болка и лошо расположение“.

„КГБ“ размислува за вас

Долу во бункерот жените постојано мораат да одат низ темни ходници, да се качуваат и да се спуштаат по скали. Идејата за дваиполчасовната тура е на Рута Ванагаите, менаџерка во културата.

„Посетителите за почеток доживуваат поинакви работи. Губат контакт со нивната личност и од тој момент натаму, мораат да ги слушаат упатствата на Комитетот. Не смеат да се смешкаат. Не смеат самостојно да размислуваат, зашто сега КГБ размислува за нив. И учат многу бргу. Не им преостанува ништо друго, освен да се покорат“, вели Ванагаите.

Конечно, тие овде долу се затворени. Првобитно, бункерот бил замислен од страна на Советите како телевизиска станица во случај на атомски напад. Оттаму требало да се емитува телевизиска програма.

Рута Ванагаите смета дека има смисла посетителите повторно да се вратат во советско време.

„Пред се’, младите луѓе преку ова шоу добиваат сосем ново значење за поимот слобода и потоа честопати подобро ги разбираат своите родители“, вели Ванагаите.

Клуч за подобро разбирање

Младите можат полесно да разберат зошто нивните родители не му се спротивставиле на режимот.

Во меѓувреме, во бункерот, жените стојат со главата свртена кон ѕидот и рацете прекрстени на грбот. Светлина доаѓа единствено од една рачна ламба, мириса на влага. Полковникот истргнува една жена од групата и и’ ја вперува ламбата в лице. Таа мора да потпише еден документ, без да знае за што станува збор.

Во наредната соба се наоѓа стоматолошки стол. Рускиот полковник јасно укажува: „Оној што не прави како што му е наредено, ќе има еден заб помалку, додека да трепне“.

Vilnius wird Europäische Kulturhauptstadt 2009
Скулптура, еден од симболите на ВилнусФотографија: picture-alliance/ dpa

Жените повторно мораат да трчаат низ бункерот, на команда ги ставаат и ги вадат заштитните маски за гас на лицата и целосно бесмислено наваму-натаму влечкаат метални делови.

Тогаш се наближува слободата. Со сета сила групата се обидува да ја отвори тешката челична врата. Меѓутоа, тоа е трик. Вратата воопшто не може да се отвори.

Дури по два и половина часови тие конечно се спасени. За нивната храброст добиваат премногу слатка советска напивка со зелена боја и сув бисквит.

Насмевката се враќа на нивните лица. Оценката за смислата и целта на советскиот бункер е единствена.

„За луѓето од мојата генерација е премногу тешко да се сеќаваат на сето тоа. Можеби за младите е интересно и ново“.

„За мене, тоа не е ништо ново. Можеби би било интересно за странците да се запознаат со тогашното време“.