1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вина

Светлана Јовановска
18 јануари 2019

Законот за јазиците кај многу Македонци разгорува идентитетски страв, поголем дури од стравот од Преспанскиот договор. Но таков закон е насушна потреба. Колумна на Светлана Јовановска.

https://p.dw.com/p/3BlAQ
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Минатото не може да биде иднината на нашите општества - изговори Педро Санчез пред два дена пред Европскиот парламент во Стразбур. Санчез е премиер на Шпанија. Патем, објаснување за оние во Македонија коишто, како што слушнав неколкупати во разноразни дебати, тврдат дека во Шпанија веќе 11 месеци нема влада. Значи, Санчез е премиер на шпанската влада која, види чудо, постои и работи и ја зголеми миминалната плата за 22 отсто.

Нејсе, да се вратиме на минатото и иднината. Кај нас, минато е усвојувањето на Преспанскиот договор, а иднина е неговата примена. Минато се црнилата на Мицкоски и неговата, закоравена во минатото, партија, а иднина е првата добра, прекрасна вест која во ЕУ дојде од Балканот по долги години трагедии и конфликти, страдања, сиромаштии, тензии, провокации – Преспанскиот договор. А со него, влез во НАТО и старт на преговори за членство во ЕУ.

Иднината е исто така Законот за јазиците. Закон околу кој се кршат копјата на власта и опозицијата, но којшто, сакале ние или не, е политичко и законско заокружување на Охридскиот договор.

Идентитетски уплав

Се сеќавате, нели, на Охридскиот договор? Документ којшто бевме приморани да го потпишеме за да му ставиме крај на конфликтот од 2001 година и да им кажеме на нашите сограѓани Албанци дека сакаме да живееме со нив, рамо до рамо, во нашата заедничка Македонија. Да се сетиме исто така дека во тоа време, тогашните власт и опозиција, го потпишаа договорот и, станувајќи од масата на потпишувањето, почнаа да го напаѓаат и да тврдат дека, кутрите тие, морале да го потпишат против нивна волја. Некои повеќе сакале да ги „смачкаме“ Албанците на терен и да покажеме колку сме силни. Од тоа, се разбира, немаше ништо. Македонците се јаки на зборови и слаби на дела. Докази за тоа има многу.

Законот за јазиците кај многу Македонци разгорува идентитетски страв. Страв дури поголем од идентитетскиот уплав од Преспанскиот договор. Аргументите на противниците на овие два текста се дека ќе ги снема Македонците, ќе исчезне македонскиот јазик, македонската историја и култура, накусо, ќе ја снема државата, државата ќе се кантонизира, ќе се федерализира и.т.н. Како се стасува од законски текст до исчезнување е работа на која овие критичари не се задржуваат. Битно е им е да предизвикаат страв кај граѓаните. И тоа доста успешно го прават.

Морам да кажам дека се делумно во право. Но, вината не треба да им се припишува на овие два текста. Вината е кај самите Македонци.

Други колумни од авторката:

Александар Велики ќе гласаше за Преспанскиот договор

Драга Европска унијо....

Оние коишто напорот во работата го заменуват со импровизација. Оние коишто и денес, во 21 век, не го владеат македонскиот правопис. Кој е едноставен. Не сакам ни да помислам како би изгледало нивниот мајчин јазик да личеше на францускиот. Македонија ќе исчезне ако нашите млади научници од сите области или лекари, продолжат својата среќа да ја бараат во странство.

Ставено во светски рамки, факт е дека македонскиот јазик е мал јазик по бројот на луѓето на кои им е мајчин. Се проценува дека во светот македонскиот јазик го зборуваат околу 3 милиони луѓе. Наталитетот кај Македонците е во постојано опаѓање и со тоа го следи европскиот тренд. Токму од тие причини, институциите на државата кон македонскиот јазик треба да се однесуваат како кон јазик што би можел да исчезне со текот на времето. Треба да сторат сѐ тој да продолжи да живее и да расте. Институтот за македонски јазик треба да се грижи за македонскиот јазик и да не си го губи времето со загубената кауза на критикување на Законот за јазиците. Министерството за образование треба да се сети на југословенското време кога се праќаа професори по македонски јазик кај децата во дијаспората. Нашиот македонски фолклор, литература, култура, треба да добие помош од државата за да го претставува во светот. Јасно е дека тоа чини пари. Но тоа се добро потрошени пари.

Македонија нема да ја биде не поради Преспа и двојазичноста, туку поради тоа што нашата земја никако не успева да определи што е приоритет, а што не. Да, приоритет се и Преспанскиот договор и Законот за јазиците. Но како тоа му го објасните на Мицкоски од 19 век?

Наместо да губиме нерви и време со фрлање дрвја и камења врз Преспанскиот договор и Законот за јазиците, треба да научиме албански јазик. Барем младите. Причината е едноставна. Нема Македонец што би сакал Македонија да се претвори во балканска Белгија. Во која двете јазични заедници живеат во федерација која наскоро можеби ќе се претвори во конфедерација помеѓу Фламанци и Валонци.

Во Македонија, македонските ученици треба да го учат албанскиот јазик од прво одделение и сѐ до крајот на школувањето. И албанските ученици треба да го учат македонскиот јазик од прво одделение и сѐ до крајот на школувањето. Образовниот систем треба да обединува.

Државата треба да најде начин да го охрабри изучувањето на јазикот на другиот преку кампањи и субвенции и да креира позитивна клима за соживот.

Во нашиот новинарски занает, ние македонските новинари, не можеме да ги читаме медиумите на албански јазик. И не ја следиме дебатата во тој дел од нашето општество. Тоа е вистински јазичен хендикеп и тоа е така и во многу други професии.

Белгискиот пример

Кусата историја на Белгија, земја што добро ја познавам, оди во прилог на овие аргументи.

По 1919 година, големо мнозинство Фламанци (кои зборуваат холандски) побараа нивниот јазик да се користи во администрацијата, судството, армијата, училиштата и унверзитетите. Тие бараа двојазичност во целата земја, земја што во тоа време беше унитарна. Југот на земјата, франкофонската Валонија, се спротивстави на ова барање. За Фламанците двојазичноста не беше проблем, бидејќи тие го користеа францускиот јазик од самата независност на Белгија во 19 век. Валонците не сакаа да се мачат да учат холандски јазик. На извесен начин имаа и оправдување: францускиот јазик во тоа време беше доминантен во цела Европа. Во тој момент, ако Валонците не се побунеа, двојазичност ќе можеше да се воведе во целата земја. И денес Белгија можеби ќе беше унитарна држава, без лингвистичка граница. Денес Белгија со брзи чекори се движи кон конфедерација и можеби, еден ден, земјата ќе се подели на две држави.

Тоа не го сакаме во Македонија. Затоа, Законот за јазиците не е луксуз или нешто наметнато, туку насушна потреба за нашето малечко парче земја во кое живееме заедно со нашите сограѓани Албанците.

Не знам дали законот е уставен или не. Не знам дали се запазени сите процедури во неговото донесување. Нашите уставни судии тоа треба да го кажат доколку чесно си ја работат работата за која добиваат плата. Ако е неуставен, тогаш треба да се врати во институциите да се доработи во насока на Уставот и да почне навистина да се применува во неговиот дух и словото. За унитарна Македонија. Земја богата со својата различност. Тоа е нашиот придонес за Европа и нашиот пример за Европа.