1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Високи тонови во Македонија“

6 април 2011

„Ноје цирхер цајтунг“ пишува за предвремените избори во Македонија, оценувајќи дека високите тонови на опозицијата која ја обвинува ВМРО ДПМНЕ дека владее диктаторски, соодветствуваат на „мизерната политичка клима“

https://p.dw.com/p/10njV

„Македонија, по пет години владеење на премиерот Никола Груевски не стои добро“, констатира „Ноје цирхер цајтунг“, продолжувајќи: „Економскиот полет каска како во остатокот на земјите од Западен Балкан, и и покрај малиот градежен бум кој се должи на договорите од владата, невработеноста во земјата останува висока (33 проценти). Интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО стагнира со години, а односите меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство (25 проценти) се напрегнати. Сепак, многу нешта говорат во прилог на тоа дека ВМРО и нејзиниот албански јуниор партнер, ДУИ на поранешниот шеф на герилците, Али Ахмети, повторно ќе имаат најдобар резултат на изборите“, проценува весникот, наведувајќи дека тоа се должи на патронажниот систем во балканските земји, односно оној кој е на страна на владата, економски погледнато има подобри шанси. Во текстот со наслов „Високи тонови во Македонија“ натаму се вели:

„Според медиумски извештаи, во Македонија во моментов голем број граѓани се пријавуваат за членство во ВМРО во надеж дека по изборите ќе бидат наградени за нивната поддршка. Но техниката на владеење на Груевски ги надминува границите на традиционалниот клиентелизам. Владата, како втор по големина огласувач, ги направи послушни голем дел од медиумите. Се работи речиси исклучиво за политиката на идентитетот - против Грција, која ја блокира евроатлантската интеграција на Македонија, или против албанските желби за федерализација, кои би имале за последица распад на земјата. Притоа се премолчува дека ЕУ-интеграцијата не напредува и поради недоволните реформи. Владата преку многу модерен информативен менаџмент ги шири конзервативните и патриотски пораки меѓу народот. На граѓанските групации им е уште потешко да обезбедат некој да ги слушне отколку на опозицијата. Влијанието на владејачките партии врз медиумската јавност речиси и не му остава простор на слабото граѓанско општество за ширење на неговиот поглед врз нештата. Напротив, неговите активисти често се навредувани или се нарекувани предавници. Со тоа, демократската јавност како ’пазар на идеи’ е делумно суспендирана“, заклучува НЦЦ.

Весникот „Велт“, пак, во текстот со наслов „Европските буриња без дно“, денеска ја анализира економската состојба во Грција, Ирска и Португалија, па меѓу другото, наведува:

„’Грција, Ирска и Португалија за еврозоната се нешто како атомските централи Фукушима 1, 2 и 3 за Јапонија’, вели еден набљудувач.’Врвните европски политичари немаат идеи како да се справат со проблемите.’ ЕУ се надеваше дека со мерките за помош ќе купи време, време во кое може да се развијат нови идеи за решение на проблемите. Времето помина, но еврозоната не најде спас за трите земји во економска криза. Во меѓувреме, се чини дека идеите ги напуштаат шефовите на држави и влади на земјите на еврозоната.“

Австриски „Ди пресе“ го претставува најсиромашниот регион во ЕУ, кој се наоѓа во Бугарија - Видин. Регионот се‘ уште чека подобри времиња, чека вистински приклучок кон Европа. Тоа би требало да му го донесе планираниот мост на реката Дунав, кој треба да ги поврзе Романија и Бугарија и на Видин да му обезбеди приклучок кон светот и да му ги донесе толку многу посакуваните инвестиции. Досега се завршени само 60% од мостот, а тој, според плановите, треба да биде отворен веќе во 2012 година. Весникот на крајот наведува:

„И четири години по приклучувањето кон ЕУ, се чини времето застанало. Младо момче раскажува дека многу негови пријатели се иселиле во странство. Тој радо би останал, но животот тука станал ’повеќе полош, отколку подобар’. Видин нема дури ниту кино, а за пристоен спортски клуб и не станува збор. ’Ова е најтажниот град во Европа’“, ја завршува репортажата за Видин весникот „Ди пресе“.

Извор: НЦЦ, Ди пресе, Велт

Обработка: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска