1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високоексплозивна ситуација на Блискиот Исток

ЖА/дпа/афп/ртре5 јули 2014

Постојани напади, одмазда, безредија-по смртта на тројцата киднапирани израелски тинејџери и едно палестинско момче. Расте загриженоста дека тензиите на Блискиот Исток целосно ќе ескалираат.

https://p.dw.com/p/1CWEF
Фотографија: Reuters

Израелската армија изврши воздушни напади врз објекти на исламското движење Хамас во Појасот Газа како одговор на ракетниот напад од палестинска територија. Израелски воени авиони извршиле напад врз три центри на борци на Хамас во јужниот дел на Газа, откако најмалку 15 ракети истрелани од палестинска територија го погодија јужниот дел на Израел. Нема податоци за жртви во нападите.

Безредијата од Источен Ерусалим ноќеска се проширија и на други места, како што јавува израелскиот весник „Хаарец“ во онлајн изданието. Причина за најновите тензии беше убиството на тројца израелси ученици и наводно одмаздничко убиство на палестинско момче. Неговото семејство ги обвини израелските доселеници за убиство на 16-годишното момче. Израелската полиција пак тврди дека не е исклучена криминална заднина на случајот. На маргините на погребот на момчето, вчера гневните Палестинци влегоа во улични борби со израелската полиција, при што беа ренети повеќемина луѓе.

Во медиумите се јавува за наводно претстојно примирје. Исламистичката организација Хамас, која управува со Појасот Газа, понуди запирање на ракетните напади врз израелската територија, доколку Израел ги запре своите воздушни напади, јавуваат британските медиуми, повикувајќи се на палестински извори. Неидентификуван палестински извор во Ерусалим, близок до Хамас, открил дека високи функционери на египетското разузнавање посредуваат за можен прекин на огнот, откако во изминатите неколку денови дојде до ескалација на непријателствата.

Израел не ги потврди овие информации. Израелскиот министер за надворешни работи Авигдор Либерман оцени дека прекин на огнот би бил голема грешка.