1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комплексот кај „Холидеј ин“ ја бранува јавноста

ДТЗ
15 април 2021

Инвеститорите најавуваат модерен центар кој ќе биде гордост на Скопје, архитекти и граѓански здруженија, пак, со писмо до премиерот бараат да се суспендира планот за градба.

https://p.dw.com/p/3s1o0
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни, како и дополнително зеленило на терасите. „Просторот на паркингот кај „Холидеј ин“ ќе стане модерен центар со многу јавни површини, зеленило и ќе биде гордост на Скопје“, порачаа денеска инвеститорите од фирмата „МГ Фешн“, додека во јавноста станува сѐ посилен притисокот за стопирање на градбата. Триесетина архитекти и здруженија побараа од премиерот Зоран Заев да се суспендира Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ и на конкурс да се избере ново идејно решение за просторот.  

Ќе никнат ли бетонски чудовишта?

По многубројните реакции во јавноста и иницијативите да се сопре бетонизацијата на Центар,  фирмата „МГ Фешн“ вчера го презентираше пред јавноста проектот за комплексот наречен „Гранд“ којшто е во план да се гради. „Не планираме да изградиме бетонски чудовишта, туку модерен, целосно еколошки и енергетско ефикасен проект, изработен според највисоки еко стандарди и согласно сите законски прописи во земјата“, вели Илија Божиновски, управител на „МГ фешн“.

-повеќе на темата: Урбанизам: Кој и зошто го „заборава“ членот 23?

Според архитектите коишто го изработија проектот, Мартин Пановски и Јана Гугуловска, комплексот ќе се гради во три фази. Прво ќе се гради кулата со приземје, 20 ката и поткровје со бруто развиена површина од 29.438 метри квадратни, додека во втората фаза ќе се гради висококатницата од 22 ката со бруто развиена површина од 27.870 метри квадратни. Овие два објекта ќе бидат сместени во просторот покрај кејот на реката Вардар. Третата зграда од 16 ката ќе биде изградена на спротивната страна од парцелата, спроти „Соравија“ и постојната катна гаража. Зградите е во план да имаат подземни паркинзи на три нивоа или вкупно 969 паркинг места. Меѓу зградите ќе биде изградена нова пешачка улица која е во план да се поврзе со Градскиот трговски центар и Кејот „13 Ноември”.

Инвеститорите тврдат дека замислата е проектот „Гранд“ да „го претвори запоставениот, руиниран дел од центарот на градот во нов урбан, модерен и зелен комплекс, кој е еколошки и енергетски-ефикасен“. Компанијата за изградба на комплексот ќе вложи околу 60 милиони евра.

Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Реакции

Изградбата на комплексот предизвика низа реакции во јавноста, кои масовно ја поддржаа петицијата на социјалните мрежи со која се бара да се спречи изградбата на бетонски чудовишта во центарот на градот. Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ завчера побара помош за висококатниците кај ГТЦ, тврдејќи дека општината сама не може да се бори, на што од Антикорупциската комисија му посочија дека треба да ја искористи можноста за суспензија на спорниот ДУП. Проблемот настана по одлуката на Уставниот суд на 3 март годинава да ја  укине одлуката за забрана за градба на територијата на Општина Центар и го отвори патот за градење онаму кадешто ДУП-овите беа оспорени.

-повеќе на темата: Граѓаните со петиција против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин

Фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, преку фирмата „Обновители“, уплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милион евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Со тоа, останува уште инвеститорите да добијат одобрение за градба, со оглед на тоа дека мораториумот за градење во централното градско подрачје веќе не е на сила. По реакциите во јавноста, инвеститорите најавија дека на просторот до „Холидеј ин“ ќе се гради урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност, наспроти 60-катните бетонски облакодери кои првично беа најавени.

Јавен повик на архитекти и здруженија

Архитекти, професори и граѓански организации упатија барање до премиерот Зоран Заев да се суспендира Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје и да се распише конкурс на кој ќе се предложи какви содржини ќе се градат.  

-повеќе на темата: Белчева: Уставниот суд и институционалната негрижа ќе го „забетонираат“ Центар

„Тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика, ве повикуваме како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со ДУП во Скопје. Бараме Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на просторот кај ‘Холидеј ин‘ како и сите други планови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП), а со тоа се погубни за центарот на Скопје и за граѓаните. Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за планови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите“, се вели во писмото потпишано од 30 организации и поединци.