1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Висок ризик за меѓуетничките односи, а соживотот под прашалник“

Свето Тоевски18 октомври 2012

Бранот на извршени и најавени преименувања на улици, плоштади, училишта и други јавни објекти, во деловите од Македонија населени со Албанци, предизвикува се’ поголема меѓуетничка напнатост.

https://p.dw.com/p/16RnT
Фотографија: MIA

Зошто претставниците на одделни локални власти, но и од централната власт, како и други фактори од редовите на албанскиот етникум, ги менуваат досегашните имиња на овие институции и објекти со имиња на личности од албанската култура, историја и политика? Руфи Османи, градоначалникот на Гостивар, образложува зошто се бараат такви преименувања и во овој град.

„Идејата е имињата на овие институции да бидат соодветни со структурата на населението, бидејќи нема никаква логика во Гостивар, каде што имаме 70 проценти албанско население, 20 отсто македонско и 10 проценти турско, и други жители, повеќе од 99 отсто од имињата на објектите, јавните институции, да се исклучиво македонски и тие исклучиво му припаѓаат на претходниот систем - на комунизмот“, вели Османи.

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar
Руфи ОсманиФотографија: DW/S.Toevski

Илија Ацески, професор по социологија од Државниот универзитет во Скопје, се осврнува на етничката раздвоеност меѓу Македонците и Албанците и нивното групирањето во подрачја, каде што ќе доминираат демографски или едните или другите, како поширок општествен контекст во кој доаѓа до споменатите преименувања.

„Ова што се случува денес е резултат на еден подолг период во смисла на концентрација на население од една етничка група на одреден простор. Тоа е етничка сегрегација, која се случува и на национално ниво и на ниво на поодделните региони. Албанците сега ги бараат оние имиња на јавните установи, улиците и други објекти да носат имиња на она што нив ги идентификува како етникум. Тука во некоја мера нема ништо што отсткокнува во тој контекст, кое е нешто ненормално. Но, самиот чин, како се прават преименувањата, ги надминува границите на една правна држава, на една демократска процедура. Најверојатно, тоа ќе ескалира уште повеќе, ќе доведува до остри внатрешни судири во државата, особено во оние региони каде што сега Македонците се малцинство, во суштина“, објаснува професорот Ацески.

Скопје 2014 го подели Скопје

Али Пајазити, експерт за социологија на мултикултурализмот од Штуловиот универзитет во Тетово, тврди дека „во оваа држава се гради политика со која се форсира идентитетот на македонскиот етникум, а се запоставуваат албанскиот и другите етникуми“.

„Наместо да имавме мултикултурни политики, имаме тенденции за креирање моноидентитетска држава, ставање акцент врз македонскиот елемент и запоставување на другите етникуми во земјата. Нагласувањето на едниот идентитет има како последица една реакција кај другите етнички заедници. Преименувањата се изнудени од дневната политика. Кон ова особено придонесе проектот ’Скопје 2014’, кој ги влоши меѓунационалните односи. Овој проект го подели главниот град на Македонија на реон од десната страна на Вардар и реон од левата страна. Всушност, поставен е ѕид, кој ги разделува луѓето“, смета професорот Пајазити и додава:

„И од едната и од другата страна на Вардар може да најдеме пораки, кои се непримерни, каде што гледаме и симболи на нацистичките ’свастики’, повици за ’смрт на една нација’, или на друга, потоа дека ’еден дел од државата не е Македонија’, односно, на англиски напишано дека ’Чаир не е Македонија’, што го видов на другата страна на реката. Од оваа, другава страна на Вардар видов напишани графити ’Смрт за Албанците“, ’Ќе ве покрстиме’. Се соочуваме со висок ризик за меѓуетничките односи. Соживотот, коегзистенцијата и мултикултурализмот се под прашалник“.

Mazedonien - Ministerpräsident Nikola Gruevsk
Дел од експертите сметаат дека преименувањата со албански имиња се одговор на проектот Скопје 2014-та, кој направил ѕид меѓу Македонците и АлбанцитеФотографија: MIA

„ВМРО ДПМНЕ ја отвори Пандорината кутија“

Здравко Савевски, професор по политички науки од универзитетот ФОН во Скопје смета дека „досега не се преименуваа улици, иако се промени општествениот систем уште пред 20 години, од едноставна причина да не се отвора Пандорината кутија“.

„Сега таа ’Пандорина кутија’ еднострано ја отвори ВМРО ДПМНЕ. Како реакција на тоа и албанските политички фактори се придружија кон менувањата на имиња на улици и институции. Треба да се очекува дека секогаш кога некој создава националистички проекти дека и другата страна ќе возврати со свои националистички проекти. ’Скопје 2014’ е еднонационален и националистички проект. Како реакција на тоа се појавија преименувања дури и со проблематични ликови од албанската историја – проблематични од аспект на Македонците“, нагласува професорот Савевски.

Потоа тој коментира дека „играњето на картата на национализмот е стратегија погубна за Македонија“. Тој смета дека „и македонските и албанските националисти играат на истата карта“.

„И албанските и македонските политички елити го зголемуваат национализмот кај своите бирачки тела. Тоа не е добро за земјата. Треба да се работи на надминување на национализмот, а не тој да се применува во стварноста преку преименувања на улици и училишта“, нагласува професорот Савевски.

Како сега да се надмине проблемот и меѓуетничките несогласувања, поттикнати од менувањата на имињата на улиците и училиштата? Но, и што да се направи, кога Руфи Османи, кој не е само градоначалник на Гостивар, туку и лидер на парламентарна партија – „Албанската национална преродба“, сега бара отстранување на „Бадинтеровиот принцип“ од процесот на политичкото одлучување?

„Треба да се ревидира законодавството во смисла на отстранување на ’Бадинтеровиот принцип’ при преименувањето на улиците, училиштата, бидејќи токму ова е пречка за преименување, кое ќе биде прифатливо и за малцинството и за мнозинството, оти овде имаме дискриминација на малцинството во однос на мнозинството. Во случајот на Гостивар, Тетово, Струга, Чаир... Тука е неопходно законодавството да се промени, со тоа што ќе треба да има заштитни механизми и малцинството да се чувствува адекватно и во овие градови и општини, каде што националностите се во мнозинство“, вели градоначалникот на Гостивар Руфи Османи.

Професорот Савески заклучува дека без „Бадинтеровиот принцип“, без заемно одлучување околу преименувањата, ќе се зголемуваат меѓуетничките тензии.

„Во етнички нехомогена средина, каква што е Македонија, тие преименувања мора да се изведуваат консензуално“, нагласува професорот Савески.

Политичките елити и од македонскиот и од албанскиот етникум се исправени пред обврската да спречат натамошни меѓуетнички турбуленции и поларизации на тој план.