1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080909 Rumänien Nokia Rüttgers

10 септември 2009

Премиерот на Северна Рајна Вестфалија на еден неодамнешен митинг ги обвини романските работници за „слаб работен ангажман“. Фабриката на „Нокиа“ лани беше преселена од Бохум во Романија. Како навистина се работи таму?

https://p.dw.com/p/JYyz
Фотографија: AP

Во фабриката на „Нокиа“ во Романија се ангажирани 1.600 работници, во две смени. Мобилните телефони на познатиот меѓународен концерн тука се составуваат, проверуваат, пакуваат и испорачуваат. Секоја смена трае и до дванаесет часа. Работниците ни доаѓаат, ниту си одат кога сакаат. Во точно определено време, автобуси ги земаат и ги враќаат во нивните оддалечени места на живеење. Работат подолго од Германците и исто толку добро, вели германско-романскиот стручен консултант Вернер Штајн и предупредува дека не треба да се имаат предрасуди кон, наводно, слабиот работен ангажман на Романците: „Она што зачудува е фактот дека сега луѓето не сакаат или не можат да веруват дека одеднаш Романците можат да произведуваат добри мобилни телефони“, вели Штајн.

Nokia
Работата е тешка, смените долгиФотографија: AP

Исто така, нема ни најмали знаци дека „Нокиа“ има проблеми да го организира производниот процес во Романија: „И покрај неопходната работа, обука, школувања...“, вели Штајн.

Тешкотии има, меѓутоа нив не ги предизвикуваат вработените - туку напротив! Тие мораат да ги носат овие проблеми на сопствен грб. Притисокот за намалување на трошоците на производството е огромен. Месечната плата изнесува околу 250 евра. Но, и порај ова, многумина сакаат да работатат во фабриката на „Нокиа“ и никому не му паѓа на памет да си го загрози работното место поради неточност, симулирано боледување или неквалитетна работа. „Многумина заминаа во странство, но сега се вратија, бидејќи и во Романија можат да заработуваат“, вели еден од вработените во фирмата.

Кому не му се допаѓа - може да си оди!

Тоа што во далечната Германија некој го става под прашање нивниот работен ангажман, на работниците во Романија им пречи и поради тоа што токму тој аспект е ставен на тежок испит. Тие имаат многу должности, но малку права. Најголемиот синдикат во земјата се бореше против дванаесетчасовните смени во „Нокиа“, но не успеа во тоа. Интерната синдикална организација ги прифати ваквите услови, така што сега владее принципот: кому не му се допаѓа - може да си оди! Листата на работници што чекаат да го заземат местото на незадоволните е ионака долга. Тешките работни услови на вработените им се разубавуваат со добри социјални услуги. Тоа е уште една причина за работниците да бидат задоволни, убедува романскиот економски експерт, Мариус Никоара. Неговата препорака за Германците?

Neue Nokia-Handys
Економската криза тешко го погоди пазарот со мобилни телефониФотографија: AP

„Нека им текне колку долго ’Нокиа’ беше во Германија. И Германија заработи од ’Нокиа’. Нормално, страшно е што илјадници луѓе останаа без работа, но во ваков случај државата треба разумно да го инвестира она што досега го заработила, на пример во преквалификација на вработените, или, пак, во мерки за создавање нови работни места“, вели Никоара.

Такви мерки можно е повторно да бидат потребни и во Романија. Економската криза тешко го погоди пазарот за мобилни телефони. Но, ниту тоа не е по вина на романските работници во „Нокиа“.

Автор: Андреас Мајер Фајст / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска