1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Deutschland Ex-Botschafter Israel-Appell

9 декември 2009

Германскиот став кон Израел со децении го карактеризира поддршка што се потпира врз историската вина за холокаустот. Дотолку повеќе изненадува апелот на 24 пензионирани германски дипломати за поостар пристап кон Израел.

https://p.dw.com/p/KxSo
Ангела Меркел и Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Во документот што е многу внимателно формулиран, а што го објави весникот „Зидојче цајтунг“, дипломатите бараат од актуелната влада на канцеларката Ангела Меркел поангажиран курс во блиско-источната политика, во кој нема да бидат исклучени ни мерките на притисок. Дипломатите посочуваат и конкретни можности за вршење притисок врз страните во блиско-источниот конфликт. На пример, одредени средства за поддршка на едната или другата страна, како и разни повластици во размената со обете би можеле да се врзуваат за услови на полето на надминувањето на нивниот меѓусебен конфликт. Еден од потписниците на документот, поранешниот амбасадор Михаел Либал за Првата програма на германската телевизија посочи: „Ние не сме против Израел, туку за праведен мир на Блискиот исток. Документот е напишан за германската влада, која сакаме да ја охрабриме да ги поддржи американските иницијативи и да не ја блокира во рамките на ЕУ политиката што сака да му даде нов поттик на мировниот процес.“

Israel Siedlungsausbau Ostjerusalem Häuser zerstört Palästinenser
Нема да има мир додека Израел урива куќи на Палестинците: палестинска жена пред урната куќа во Источен ЕрусалимФотографија: AP

Оваа забелешка на Либал се однесува на поплаките на европски дипломати дека токму нивните германски колеги ги минираат напорите на ЕУ да го обврзат Израел да ги почитува меѓународните договори. Како пример, во рамките на ЕУ не може да мине предлогот за исклучување од царинските погодности на оние производи што се произведуваат во спорните еврејски населби на палестинските автономни подрачја. „Постои опасност од погрешно толкување на принципот на солидарност со Израел, со тоа што се поддржува секоја политичка определба на израелската влада. Тоа не смее да се случува.“

Вистинска одговорност

Поранешните дипломати во документот потсетуваат дека Германија од историски причини се обврзала да ја гарантира безбедноста на Израел. Но, вистинска безбедност за израелските граѓани може да има само кога таа ќе се потпира врз праведни меѓународни спогодби со Палестинците, а не кога се води политика на натамошно запоседнување на земјата на Палестинците и населување на нивните автономни подрачја. „Сметам дека на подолг рок повеќе му помагаме на Израел ако се вклучиме во меѓународните напори за склучување траен мир“, порачува поранешниот амбасадор Либел.

Palästinenser wollen Gaza Streifen verlassen und warten an Grenze Rafah Ägypten
Палестинци чекаат на граничниот премин Рафах за да го напуштат Појасот ГазаФотографија: AP

Поддршка за мировното движење во Израел

Поддршка за ваквиот став на германските поранешни дипломати пристига од мировното движење во Израел. Носителот на алтернативната Нобелова награда Ури Авнери пред неколку дена напиша статија во која посочува дека Германија може да го манифестира своето пријателство со Израел и така што ќе го поддржува тамошното мировно движење, а не десно-екстремната влада. Ова мислење го застапува и рабинот Арик Ашерман, шеф на организацијата „Рабини за човекови права“, кој пред германски новинари во Ерусалим изјави: „Пријатели не им дозволуваат на нивните пријатели да возат автомобил во пијана состојба. Вистинското пријателство, како во приватниот живот, така и меѓу нациите, не значи да му се вели постојано на другиот: да, драги. Ако тоа постојано се прави, кај пријателот се развива самоуништувачко однесување. Мислам дека меѓународната заедница токму го поддржа таквото самоуништувачко однесување на Израел со досегашната поддршка“, објаснува рабинот Арик Ашерман од организацијата „Рабини за човекови права“.

Автор: Бетина Маркс/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска