1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинско време за повторно откривање на Охрид

СН/Зиддојче Цајтунг20 август 2016

Германскиот весник „Зиддојче Цајтунг“ посветува опширна репортажа на убавините но и на слабостите на македонскиот туристички центар Охрид,во која им препорачува на германските туристи повторно да го откријат овој бисер.

https://p.dw.com/p/1JmAC
Mazedonien Ohrid mit Festung über der Stadt
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Охрид некогаш припаѓаше кон обврзувачката програма за вљубениците во културниот туризам од Германија,а потоа беше заборавен, започнува репортажата во германскиот весник „Зиддојче Цајтунг“, во кој авторот ги опишува сите аргументи поради кои македонскиот туристички бисер заслужува, како што вели повторно да биде откриен од германските туристи.

Репортажата со наслов „Побожни на езеро“ започнува со детален опис на „Заливот на коските“ по што авторот истакнува: „Наколното село пред неколку години беше реконструирано, од дрвени колци, глина и слама како оригиналот. Тоа е најновата атракција во еден предел кој човек како туристички работник не може поубаво да си го измоделира: на еден рид , еден стар град со османлиски куќи, амфитеатар, тврдина и толку многу цркви поради кои некогаш градот го нарекувале 'Ерусалим на Балканот'. Длабоко езеро, кое е меѓу најстарите во светот и кое е толку чисто што неговата вода може да се пие. И во околината 2000 метри високи планини, низ чии шуми талкаат кафеави мечки, волци и рисови. Предел толку посебен, што Унеско двојно го награди како природно и културно наследство на човештвото. Вчудовидувачки е што во Германија Охрид е речиси заборавен“, констатира авторот на репортажата во „Зиддојче Цајтунг“ веднаш укажувајќи: „Но имаше и други времиња. 'Во Југославија порано имаше две цели за вљубениците во културниот туризам. Дубровник и Охрид', го цитира весникот 50-годишниот туристички водич Љупчо Кумбаровски кој истакнува дека 40 проценти од неговите гости во тоа време биле Германци:

Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Фотографија: DW/M. Jovanovski

„ Последните години во Југославија за мене беа рај“ Работев 20 дена во месецот и заработував многу добро“, вели Кумбаровски. Но потоа избувна граѓанската војна во Југославија и туристи повеќе не доаѓаа. Оттогаш Охрид се наоѓа во Македонија, земја која многу Европејци ја знаат само поради бегалската криза.

Сепак полека состојбата се нормализира. 'Пред пристаништето штотуку се собираат турски и јапонски туристи... за вљубениците во културниот туризам од САД и од Далечниот Исток Охрид денес повторно е обврзувачка станица на големата балканска тура', вели Кумбаровски. А во лето е и онака сѐ букирано. Тогаш доаѓаат годишноодморците од соседните земји во хотелите на променадата, тогаш луѓето од главниот град бегаат од претоплото Скопје во своите вили и апартмани на ладното езеро на 700 метри надморска височина.

Panorama Mazedonien
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi

Но и покрај тоа може опуштено да се шета по уличките покрај куќите на трговците од 19 век кои као превртени пирамиди со секој кат поголем од другиот. Дури и во најстарата црква во земјата човек наутро е сам“, истакнува авторот на репортажата во која понатаму ја опушува како што вели катедралата на Македонија - „Света Софија“ а потоа го опишува патот до гробот на свети Климент, ученикот на св. Кирил и Методиј, кој како што вели, го направил Охрид еден од најзначајните христијански центри на Балканот:

„ Стрмни улички водат кон неговиот гроб, во дворовите растат смоквини дрва, лаванда и рози. Но зад нив не стојат секогаш убаво реновирани османлиски куќи туку и сувопарни новоградби и полураспаднати куќарки. Стариот град не е исполирано парче накит од една одливка. Бисерот има гребнатинки. 'Некои сопственици немаа доволно пари за да ги реновираат куќите согласно строгите правила за заштита на културни споменици. Други беа во имотен спор' вели Кумбаровски. 'Но да се продаде куќата е предавство'. Жителите на стариот град се горди староседелци, многу семејства живеат во нивните куќи со векови. Распородажба како во Маракеш тука е незамислива“, се вели во репортажата која натаму преку Амфитеатрот води на Плаошник, каде како што се вели чука срцето на градот веќе 2500 години : „Со децении археолозите на платото откопуваат храмови и цркви... Среде археолошкото наоѓалиште се наоѓа црква, историска во стилот, но премногу беспрекорна за навистина да биде стара, Црквата Св. Климент и Пантелејмон е изградена во 2002 година. Во неа сега почива градскиот светец, кој секогаш на фреските и иконите е насликансо чудно испакнато чело за да се истакне неговата огромна интелегенција. ' Саркофагот на Свети Климент нам ни е многу важен', вели Кумбаровски. Свети Климент тука на крајот на 9. век го основал првиот пансловенски универзитет, 3500 студенти тука го учеле од него словенското писмо и го пренесувале натаму на Балканот. Охрид станал метропола на веронауката.

Mazedonien Kloster Sv. Naum in Ohrid
Фотографија: DW/M. Jovanonski

Во ова блескаво минато се колнат и градителите на оној монструм кој во моментов расте во височина покрај црквата. Со неговата гигантоманија бетонскиот скелет потсетува на псевдо-класицистичките градби во главниот град Скопје, врз кои гневните демонстранти фрлаа боја. Тоа е новата зграда на Универзитетот на Свети Слимент...'Новата зграда на универзитетот е спорна', вели Кумбаровски. 'Многумина мислат дека е е преголема'. Така на тоа гледаше и Унеско и откако изврши притисок, архитектите барем укинаа еден кат е планираните стаклени куполи. Историските фасади сега треба да ги омекнат критичарите “, се вели во репортажата на Зидојче Цајтунг која веднаш се надоврзува:

Kirche Heiliger Johannes in Kaneo, Ohrid See, Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Но без оглед каков ќе биде резултатот, новоизградените објекти на платото нема да можат да се пробијат како знаменитост. Оваа титула веќе и е доделена на Црквата Свети Јован Канео. Таа нема толкаво значење но лежи екстремно фотогенично, на една карпа високо надезерото. наводно ниту една црква на Балканот не е толку многу фоотграфирана. Секоја вечер тука се собираат туристи за да го гледаат залезот на сонцето. Или седнуваат кај мештаните во еден ресторан под карпата. Тука се јаде на плетени столчиња под ореови дрва со поглед на езерото кој се протега до врвовите на националниот парк галичица. А кога ќе падне мрак, со прошетка на променадата може да се стигне на другата страна од заливот, каде Ди Џеј-и пуштаат музика до утринските часови. Далеку од сите ригидни светци“, се вели во репортажата на „Зиддојче Цајтунг“.