1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ја возобновува Воената академија

9 јули 2009

Министерството за одбрана одлучи да ја обнови работата на Воената академија во Скопје, која беше затворена пред четири години. Експертите го поддржуваат концептот, но апелираат да не се обучуваат премногу кадри.

https://p.dw.com/p/IkMd
СкопјеФотографија: MIA

Министерот за одбрана Зоран Коњановски оцени дека владата, заедно со Генералштабот на АРМ, добро ќе го процени бројот на питомците што и се потребни на армијата, па ќе одлучи колку ќе бидат примени на школување. За годинава проценката се движи меѓу 30 и 40 лица. „Во овој момнет нема потреба наеднаш да примиме 150 офицери. Ова е само првиот чекор во градење на концептот и развојот на офицерскиот кор. Секоја година ќе произведуваме согласно нашите потреби. Владата со одлука има овозможено сите лица да добијат соодветни вработувања“, истакна Коњановски по средбата со триесетината професори, поранешни министри за одбрана и експерти за безбедност.

Секој питомец што ќе заврши Академија ќе се стекне со чин потпоручник и ќе биде примен на работа во АРМ, додаде Коњановски.Според него, на Академијата ќе можат да се образуваат и странски питомци, а во наставниот кадар ќе се користат и визитинг професори од странство.

Проектот е добар, но не смеат да се повторат грешките од минатото

Професорот за одбрана и поранешен министер за одбрана Трајан Гоцевски јавно го поддржа концептот на Министерството за одбрана и истакна дека смета оти Владата не смее да ја повтори грешката од минатото кога дипломираните офицери протестираа по улиците на Скопје. „Концептот е добар, а тоа што има дисконтинуитет не е дорбо. Затоа јас и така мислам дека сега треба да се направи таква политика да се направи институција која ќе работи на долги патеки. Значи оддржлив проект, а сето тоа може да се направи доколку уписот и школувањето на кадрите кореспондира со потребите за вработување на армијата“, вели Гоцевски.

И професорот Назми Малиќи, поранешен заменик министер за одбрана, вели дека е добро македонските офицери да студираат во домашна институција, но дека не треба да има произволности околу утврдувањето на потребата од нови кадри во армијата.

Поранешниот портпарол на АРМ, полковникот во пензија Благоја Марковски, оцени: „Секоја сериозна земја развивајќи ја својата армија и воопшто одбраната треба сериозно да размислува и за нејзината едукација. Со ова повторно отворање на Воената акедмија ние ги возобновуваме искуства кои ги истакнавме од претходната Воена академија која според мене беше укината од неоправдани причини“, вели Марковски.

Кадрите што ќе се образоваат ќе добијат вработување

Пред неколку години, последните две генерации од Воената академија протестираа пред зградата на Владата, построени и во униформи на АРМ, затоа што иако дипломираа сепак не беа примени на работа во Армијата, што беше обврска на Министерството за одбрана. Дел од нив се вработија во затворите или судовите како чувари, а само мал дел беа примени во АРМ и МВР. Министерот Коњановски сега наведува дека тоа веќе нема да се случи, а кадрите што ќе бидат произведени ќе бидат ангажирани во АРМ, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за спасување.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска