1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта и медиумите (не) си веруваат

29 февруари 2012

ДУИ и ВМРО ДПМНЕ со амандман ќе се обидат да ги променат контроверзните одредби од новиот закон што одново го отворија прашањето за слободата на медиумите во Македонија.

https://p.dw.com/p/14Bky
Фотографија: AP

Организацијата „Репортери без граници“ остро го критикува предложениот Закон за странски дописништва кој во прво читање беше изгласан во македонскиот парламент. Оттаму оценуваат дека се работи за закон кој е порестриктивен и од оние наследени од поранешниот социјалистички систем, и дека се работи за авторитарни тенденции кои се граничат со апсурд.

Што меѓу другото предвидува предлог законот и како реагираат политиката и новинарите во Македонија?

Опозицијата предупредува од цензура

По најавата за донесување на Закон за внесување, растурање и ширење на странски печатени работи, на странски филм и за странската информативна дејност во РМ, опозиционерите предупредија дека се воведува цензура на вестите од Македонија. Аргументот на власта е дека на ист начин ова прашање е регулирано во голем број земји од ЕУ.

Да се смени климата на недоверба меѓу новинарите и власта

Пратеничката Ермира Мехмети Деваја е една од предлагачите за промена на спорните одредби.

Emira Mehmeti Devaja
Ермира Мехмети Деваја-да се смени климата на недовербаФотографија: Petr Stojanovski

„Повеќе од една година е создадена клима на недоверба помеѓу претставниците на медиумите и владејачката гарнитура, меѓутоа јас би сакала овие измени да бидат разбрани во светло на напорите да се промени таквата клима“, изјави Мехмети.

Најжестоки реакции во првичната варијанта на законот предизвикаа одредбите според кои шефот на дипломатијата добива право да одредува кој ќе добие акредитација, а кој не, и самиот да ја одземе дозволата на дописникот ако оцени дека тој не се придржувал до прописите за информатива дејност. Во законот не е презизирано што е тоа „анкета“, а спорен е и делот што го ограничува временски правото некој да биде дописник.

Смилевска, Ал Џазеира: Загрижува дискреционото право

Милка Смилевска е известувач од Македонија за Ал Џазеира. Според неа спорна е одредбата за временско ограничувањето на работата на дописниците.

„Компарирајќи со други земји, Министерството за надворешни работи да издава акредитации не е спорно, таков е случајот и во соседството и во други европски земји, но загрижува дискреционото право кое му е дадено на министерот“, вели Смилевска.

Миронски, МИМ: Слични се правилата и во Франција

За Јасмина Миронски од Високата Школа на МИМ не се спорни предложените решенија.
„Јас по тоа што го прочитав Законот не го доживеав тоа така, дека власта сака да стави контрола врз странските медиуми, иако никогаш не се знае каде што води, но од друга страна, ако сакале тоа да го направат не мора да носат нов закон, можеле и врз база на постоечкиот да дадат или не акредитација. Светските искуства се различни по тоа прашање. Јас како поранешен дописник за Нова Македонија и А1 од Франција, акредитација добив од Министерството за надворешни работи на Франција во една долга процедура бидејќи јас бев странски државјанин“.

Mazedonien TV Alfa neu
Фотографија: Petr Stojanovski

Здружението на новинари е сериозно загрижено за дел од содржината на предлог-законот.
„За нас е неспорна потребата да се регулира оваа област, меѓутоа одредени делови од предлог-законот може сериозно да ја загрозат слободата на медиумите“, се вели во соопштението. Сега акредитации за странските дописници ги издава Генералниот секретаријат на Владата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска