1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вложувајте во Македонија, се исплатува!“

7 октомври 2009

Во организација на асоцијацијата Стопански конзули на Берлин и Бранденбург, синоќа (06.10.2009) во македонската амбасада во Берлин беше организирана средба со потенцијалните германски инвеститори.

https://p.dw.com/p/K0go
Уште еден обид на македонската амбасада во Берлин да се привлечат германските инвеститориФотографија: DW/Padori

„Ако сакате да инвестирате во оваа земја, направете го тоа! Се исплати да се вложи во сите области: во туризмот, во индустријата, во трговијата, во соларната енергија... Бројките кои ги чувте говорат дека нема да имате загуби и со сигурност нема да бидете разочарани.” Со овие зборови Иго Беец, извршен претседател на Асоцијацијата стопански конзули на Берлин и Бранденбург ги повика присутните бизнисмени да инвестираат во Македонија.

Направен исчекор

Од пред десетина години, кога првпат престојувал во Македонија и ја носел хуманитарната помош, направено е многу. Сега се навестува крајот на светската финансиска криза и е вистински момент да се инвестира во земјата. Вистинско воодушевување од даночните олеснувања и подготвеност за инвестирање во Македонија пројави Ирина Гууч асистент на директорот на фирмата КаХел Интернешенл од Берлин. Таа е оптимист и забележа: „Работиме на инвестициони проекти во различно земји. Сега сме активни во Казакстан, Сирија, Белорусија, Саудиска Арабија... Градиме патишта, ефикасни сме во подобрување на животната средина и сметам дека Македонија ќе има добивка доколку работиме на некој заеднички проект.”

Euro Scheine Geld
Ќе се преточат ли најавите во пари?Фотографија: dpa/PA

Процентите се само дел од приказната

Меѓу бизнисмените имаше и „стари волци” кои информациите за големите даночни поволности ги примија со доза на резерва. Јирген Форм , прв човек на истоимената фирма за услужни дејности со централа во Берлин и филијали ширум Германија, вели дека тука навистина беа презентирани само проценти, даночни олеснувања, погодности што се само дел од приказната. Поголемиот дел се вистинските информации на самото место. Човек мора да ја почувствува земјата, луѓето и да види дали има интерес за некаков бизнис. Форм одамна инвестира во различни земји во светот. Кажува дека шест години бил и на Куба. Таму создал мало богатство, но за истото - потрошил големо. Слична сторија не сака да му се случи повторно и заради тоа е исклучително внимателен и со резерва гледа на ветувањата на политичарите. Сепак, за Македонија слушал многу од стопанските конзули на Берлин и за шест недели ќе замине во Скопје да оцени има ли услови и интерес да инвестира.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска