1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влошена деловна клима

20 мај 2010

Кои се најголемите слабости во македонската бизнис-клима и како да се отстранат? Македонија може да примени дел од словачкото искуство поради сличноста на двете земји.

https://p.dw.com/p/NSlH
Како да се смени трендот?Фотографија: picture-alliance/ dpa

Бизнис-амбиентот во Македонија се влошува, е оценката на менаџерите на 245 анкетирани компании. Во истражувањето на индексот на деловното опкружување, спроведено од конфедерацијата на работодавачи, неколку резултати се загрижувачки. Поголемиот број претприемачи сметаат дека најголемо влошување на деловната клима има во однос на еднаквиот пристап пред законот. Следно најголемо влошување е кај пристапот до финансии, а негативно е оценет и квалитетот на инфраструктурата. Транспортот и телекомункациите се пречка за бизнис во Македонија.

Symbolbild Korruptionsindex Transparency International Jahresbericht Wirtschaftskorruption p178
Фотографија: dpa

Црн пазар и корупција-големи проблеми

Петер Голиас од Бизнис алијансата на Словачка, која учествуваше во истражувањето, вели дека во бизнис амбиентот во Македонија биле идентификувани уште неколку недостатоци.

“Еден од нив е црниот пазар. Постои 30 проценти невработеност но голем број од овие луѓе работат на црно. Исто така голем проблем и натаму е корупцијата“.

Со вакви оценки на деловната клима во земја-кандидат за членство во Унијата нема да дојдат странските инвеститори. Евроамбасадорот Ерван Фуере ги повтори клучните слабости кои Македонија мора да ги отстрани. Не пропушти да ја спомене корупцијата.

“Во сегашната економска состојба е евидентно дека странските инвеститори ќе бидат многу селективни при изборот на дестинациите за вложување. Само земјите и регионите кои ќе понудат стабилност и атрактивни услови за бизнис ќе бидат успешни“.

Словачката бизнис алијанса е вклучена во подобрувањето на деловниот амбиент и во приспособувањето на Македонија во очекување на датумот за старт на преговори поради сличноста во неколку параметри. Ги посочи Ратислав Качер.

“Ние сме мали нации, мали држави, веруваме дека можеме да трансферираме дел од нашето искуство и од вас зависи кој дел од нашето знање ќе го одберете“, им порача на домаќините.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска