1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ не се враќа во Собранието

ЕМФ / макфакс
9 јануари 2018

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во денешната работа на Собранието. Причините попладнево ќе ги соопшти лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

https://p.dw.com/p/2qYdo
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Одлуката да не се учествува во парламентарната работа е донесена на координативниот состанок на пратеничката група со лидерот на партијата Христијан Мицкоски што се одржа претпладнево.

ВМРО-ДПМНЕ од средината на декември ја бојкотира работата на Собранието поради притворот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски. „Сметаме дека во овој момент, кога 12 отсто од нашата пратеничка група, односно шест пратеници, се во притвор нема соодветни услови за ние соодветно да партиципираме во работата на Парламентот“, соопштија од партијата на 12 декември.

Шесте пратеници се дел од 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „загрозување на уставниот поредок и безбедноста", во врска со насилствата во Собранието од 27 април годинава.

Инаку, денеска во парламентот треба да се расправа за закони кои често беа предмет на критика од опозицијата. На дневен ред на закажаните седници се предлог-законот за употреба на јазиците, за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, за укинување на Советот за утврдување на факти, и ред други за кои владејачкото мнозинство не сакаше да се гласа во отсуство на опозицијата. На дневен ред на денешната седница е и изборот на уставни судии.