1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести на ВМРО-ДПМНЕ

ДТЗ /ДВ
23 октомври 2020

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во говорот пред парламентот посочи дека државата е во лоша состојба, додавајќи дека земјата мора да ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи и ВМРО било создадено за таа европска иднина

https://p.dw.com/p/3kMBd
Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денот на македонската револуционерна борба, ВМРО-ДПМНЕ од одбележа со протести со автомобили против, како што велат, „мафијата, за правдата и слободите“. Партиските членови и приврзаниците на опозицијата се собраа пред Собранието во Скопје, а по говорот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски се упатија со автомобили кон Штип.

Мицкоски во говорот пред парламентот посочи дека државата е во најлоша состојба од кога било, додавајќи дека земјата мора да ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи и ВМРО било создадено за таа европска иднина.

„Македонија мора да започне преговори со ЕУ час поскоро, тоа е нашата единствена иднина. ВМРО беше создадено за таа европска иднина. Македонија даде илјадници жртви против фашизмот и комунизмот. Македонија е браникот во кој се бранеше Европа од мигрантските бранови. Македонија дала и секогаш дава за Европа. Вистинско време е и Европа да му даде на овој народ иднина без никакви уцени и условувања“, рече Мицкоски.

„Денеска имаме држава, ама немаме слобода. Тврдината што ја правеа револуционерите, СДСМ ја руши парче по парче“, додаде тој.

„Имаме работа со влада за која магарињата вредат повеќе од човечките животи. Оваа магарешка влада на Заев е најнеуспешната во овие 29 години независност. Ако мислевме дека транзицијата беше нашиот најтемниот период, Заев со неговото работење не’ разубеди дека и од лошото има и полошо, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се обрати и кон Бугарија од која бара да не очекува договор со Заев на штета на македонскиот народ.

„Уверен сум дека и вам не ви требаат понижени соседи. Со мафијашка структура на власта на Заев не можете да се договорите, зашто тој го менува мислењето  по неколкупати на ден“, рече Мицкоски.