1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водечки германски политичари го кријат своето нацистичко минато

Дирк Кауфман / Борис Георгиевски8 мај 2013

Истражувањето на еден новинар открива дека германските дипломати со години одбивале да преземат важни документи за нацистичкото минато. Меѓу оние кои имале што да сокријат е и Ханс-Дитрих Геншер.

https://p.dw.com/p/18U0m
Фотографија: ullstein bild

Со години наназад се чинеше дека германското нацистичко минато е добро разработено. Во разни публикации беа откриени сите аспекти на националсоцијалистичката диктатура во Германија од 1933. до крајот на војната во 1945. година. Но, во нашите сознанија за минатото има големи дупки, на пример, се’ до 1994 година никој не знаеше да одговори на прашањето кој се’ беше член на НСДАП, партијата на Адолф Хитлер.

Податоците за членовите на НСДАП уште од крајот на војната беа чувани во Берлин, и тоа во документацискиот центар на САД. САД не сакаа да ги предадат документите, иако Германија постојано тоа официјално го бараше. Со години разговорите на оваа тема не вродија со плод. Или барем тоа беше официјалното објаснување. Но, проблемот не бил кај САД, открива новинарот и писател Малте Хервиг. Напротив, токму Германија одбивала да ги преземе контроверзните материјали.

Во рамките на своето истражување Хервиг дошол до документи кои тоа недвосмислено го докажуваат. Постојат документи од кои јасно се гледа дека во американската амбасада во Берлин биле бесни поради тоа што германските власти не сакале да ги примат документите назад.

Историчарот Ханс Момсен не верува дека германската влада намерно го блокирала враќањето на документите. Тој смета дека се работи за „бирократски недоразбирања“. Германското министерство за надворешни работи засега одбива да го коментира случајот.

Кога ќе кажеш лага, држи се до неа!

Но, токму таму - во архивата на Министерството за надворешни работи, Малте Хервиг пронашол документи кои му ги потврдиле сомнежите. Во еден од нив се наведува дека „за враќање на документите треба да се причека уште 6-7 години, па потоа нема да бидат повеќе проблематични“. Што е тоа што било проблематично во актите на министерството, за Хервиг е јасно: „проблематични биле имињата на врвни политичари од Западна Германија кои се појавувале на листата на членови на НСДАП. Меѓу нив и Ханс Дитрих Геншер, тогашниот министер за надворешни работи кој бил надлежен за овие архиви“. Геншер кој беше шеф на дипломатијата од 1974 до 1992 година одби да даде изјава за ДВ на оваа тема.

Malte Herwig
Малте ХервигФотографија: imago/Horst Galuschka

За историчарот Момсен, откритието на Хервиг е само „бура во чаша вода“. Според него, „оние кои биле задолжени за овие документи, сигурно не биле луѓе кои на овој начин би го штителе министерството од националсоцијалистичкото минато“.

Малте Хервиг поставува уште една дилема: од кои причини многу луѓе, меѓу нив и водечки политичари, го кријат своето членство во партијата на Хитлер? Сосема е логично да се каже: бев млад и погрешив, но подоцна ја увидов својата грешка. Конечно, Ханс Дитрих Геншер на крајот на војната имал само 18 години. Ова прашање Хервиг му го поставил на поранешниот канцелар Хелмут Шмит кој соработувал со голем број членови на нацистичката партија. „Го прашав Шмит зошто им е проблем на овие луѓе да признаат дека во раната младост, на 17 годишна возраст биле членови на НСДАП. Шмит ми одговори: „Кога еднаш ќе кажеш лага, држи се до неа“.

Проклетството на црно-белата слика

Хервиг во германското општество гледа тенденција на нештата да се гледа црно-бело, без препознавање на сивото. „Членството во НСДАП или во СС единиците до денес испраќа еден силен сигнал. Тоа е етаблирана стигма“. Откритието на Хервиг уште повеќе изненадува кога ќе се земе предвид дека Министерството за надворешни работи пред осум години ги отвори своите архиви за независни експерти. Во 2005. тогашниот министер Јошка Фишер формираше комисија од историчари кои особено се концентрираа на историјатот на Министерството во времето на националсоцијализмот. Оваа Комисија ги објави своите сознанија во 2010. година и му ги предаде на наследникот на Фишер, Гидо Вестервеле.

Hans-Dietrich Genscher Ex-Bundesaußenminister
Ханс-Дитрих ГеншерФотографија: imago

На оваа студија критички гледаат и Хервиг, но и историчарот Момсен. За Момсен, студијата не била целосна, бидејќи во неа се анализирале само одредени аспекти. За Хервиг проблематично е и самото формирање на комисијата, чие постоење повеќе било резултат на надворешни притисоци. За разлика од таа комисија, Хервиг вели дека тој немал никакви притисоци во неговата истрага низ архивите, напротив успеал да отвори многу документи кои биле означени како тајни. Затоа, и покрај тоа што откриените архиви се можеби проблематични за Министерството, Хервиг е убеден дека таму постои генерална искреност кон овие настани. „Мислам дека министерството е подготвено за просветлување“, вели Хервиг.