1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водство на Клинтон по жестоката ТВ-дебата со Трамп

Ж.А. /агенции
27 септември 2016

Во САД со нетрпение се очекуваше првата ТВ-дебата меѓу двајцата претседателски кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Тие не ги изневерија очекувања, влегувајќи во „вербален клинч“.

https://p.dw.com/p/2Qci3
USA Wahlkampf TV Duell
Фотографија: Reuters/L. Jackson

По пријателското ракување на почетокот на дебатата, двајцата противници брзо преминаа на конфронтациски курс, прекинувајќи се меѓусебно во збор. Модераторот мораше постојано да интервенира. По делумно вжештената, околу 90-минутна дебата, според мнозинството гледачи, Клинтон изгледаше содржински подобро подготвена. 

Дебатата беше пренесувана од повеќе американски телевизиски станици, како и низ цел свет на интернет преку Твитер и Јутјуб. Се очекуваа околу 100 милиони гледачи. Телевизискиот дуел на двајцата претседателски кандидати во САД, во последниве години се смета за еден од најголемите политички ТВ-настани.

 

Трамп со критики кон НАФТА

Содржински, Хилари Клинтон и Доналд Трамп се концентрираа на теми како меѓународниот терор, трговијата и интеграцијата на афроамериканското малцинство. Трамп меѓудругото го критикуваше трговскиот договор со Мексикои азиските држави, како и владината даночна политика, која според него води кон тоа се‘ побројни претпријатија да се иселуваат од САД, со што пак се губат бројни работни места.

Прво одмерување на силите меѓу Клинтон и Трамп

Клинтон го критикува Трамп поради восхит кон Путин

Клинтон тврдеше дека даночните планови на Трамп ќе и‘ штетат на американската економија и ќе им бидат од корист само на оние со подобра заработувачка. Освен тоа, Клинтон критикуваше што Трамп покажува восхитеност од рускиот претседател Владимир Путин. Истовремено таа се заложи за засилени американски воздушни напади врз исламистичката милиција Исламска джава. Клинтон ги отфрли обвинувањата од Трамп, според кои таа и американскиот претседател Барак Обама, со преуранетото повлекување на војската од Ирак, сносат вина за зајакнувањето на ИД.

Двајцата американски претседателски кандидати, Хилари Клинтон и Доналд Трамп уште двапати ќе се сретнат на ТВ-соочување пред одржувањето на изборите на 8 ноември.

Инаку, ТВ-дебатите на претседателските кандидати во САД се пренесуваат од 1960. година, а често тие влијаеле врз текот на изборната кампања.