1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената акција на Израел во Либан ќе трае уште најмалку една недела

Торстен Тајхман18 јули 2006

Големо мнозинство од Израелците ја подржува сегашната акција на војската

https://p.dw.com/p/Adzv
Израелскиот премиер Ехуд Олмерт
Израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

Меѓународни посредници – од главниот дипломат на ЕУ Хавиер Солана до францускиот премиер Доминик д’Вилпен се обидуваат да издејствуваат прекин на огнот и решение на кризата. Од Вашингтон се најавува и скорешно патување на министерот за надворешни работи Кондолиза Рајс на Блискиот исток. Но, Израел засега има намера да ја продолжи офанзивата во Либан, како и воените операции во појасот на Газа.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт во вчерашниот говор пред парламентот потсети дека појдовна точка за борбите било грабнувањето на израелски војници од страна на милитантни Палестинци и од борци на Хезболах, и погледот го насочи кон владата во Бејрут и раководството на Палестинците во Рамалах: „Обете се одговорни да не им се случи ништо на нашите војници, кои се чувани како заложници“.

Во минатите денови малку се зборуваше за Гилат Шавит, кој повеќе од три недели е во рацете на палестински екстремисти. Нејасна е и судбината на двајца војници грабнати од Хезболах на северот на Израел. Таткото на еден од нив вчера директно им се обрати на киднаперите: „Ги молам грабнувачите да стапат во контакт со некоја хуманитарна организација. Испратете ни некаков знак за нашиот син – дали е жив, ранет или што и да било“.

Семејствата на војниците не наоѓаат на одзив во јавноста. Речиси замреа пред се’ барањата на таткото на Гилат Шавит, израелската влада да започне преговори со грабнувачите, оти во моментов во преден план стои воената опција. Премиерот Олмерт во вчерашниот говор изјави дека армијата ќе ја продолжи офанзивата се’ додека не бидат ослободени грабнатите војници, не престане ракетирањето од страна на Хезболах и додека либанската армија не ја преземе контролата на границата спрема Израел.

Се смета дека е исклучено оти во наредните денови од либанска страна ќе можат да бидат исполнети трите барања. Поради тоа, армијата е насочена кон нови напади.

Од страв од ракети на Хезболах многумина Израелци и наредната ноќ ќе ја минат во бункери. Еден фурнаџија од Хаифа вели: „Токму го печев лебот кога вчера удри ракетата. Беше застрашувачко. Видов луѓе како трчаат по улица. Но, ние не можеме ништо да сториме. И покрај ракетите, мораме и натаму да живееме. Сепак не смееме да им дозволиме на Арапите да победат“. Според една анкета, објавена денеска во весникот „Једиот ахронот“, 86 насто од испитаниците го смета за оправдано постапувањето на војската, а 58 насто се за продолжување на воената акција се’ додека не биде убиен шефот на Хезболах Саед Хасан Насралах.

Заменик-началникот на генералштабот на армијата Моше Каплински изјави дека акцијата ќе трае уште најмалку една недела, оти потоа притисокот од меѓународната јавност веројатно ќе биде толку голем, што не ќе може да се продолжи со напади. Пред завршување на акцијата мора да бидат остварени „многу јасни цели“, рече Каплински. Во моментов нема потреба од активирање копнени израелски трупи на либанска територија, вели тој, но и не го исклучува тоа. Сепак, ова важи само за Либан, веројатно не и за операциите против Палестинците во појасот на Газа.