1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„САД се посветени на мирот на Западен Балкан“

Анила Шука
14 јануари 2022

САД сакаат да формираат нов штаб на специјалните сили во Албанија. Ова е важен сигнал, вели во интервјуто за ДВ, Ерхард Билер, поранешен врховен командант на КФОР на Косово и командант на НАТО во Брисел.

https://p.dw.com/p/45Wuz
Албански војници во Тирана: Албанската армија е опремена со американски борбени возила Хамви
Албански војници во Тирана: Албанската армија е опремена со американски борбени возила ХамвиФотографија: AP Photo/picture alliance

ДВ: САД планираат да воспостават нов штаб на специјалните сили во Албанија. Што тоа конкретно значи?

Ерхард Билер: Пред сѐ, станува збор за обука на специјални сили. Бидејќи, специјалните сили се упатени на многу блиска мултинационална соработка. Постојат заеднички стандарди според кои тие се обучуваат, практикуваат и се распоредуваат кога е тоа потребно. Тоа се елитни единици кои можат да се користат за операции на командоси зад непријателските линии, на пример за извидување и во борба против непријателски цели, како што се топовски и ракетни положби. Но, исто така, се користат за спасување на заложници и за евакуација на луѓе во вонредни ситуации, како и за прогон и апсење на воени злосторници и за броба против терористи.

За кои мисии се особено наменети овие специјалци?

Не мислам дека во овој случај во прв план е директен оперативен интерес. Пред сѐ, станува збор за образование и преданост на Американците кон овој регион. Во политичка и во воено-стратешка смисла, важно е да им се каже на луѓето на Балканот: Вие живеете во важна зона која е од исклучителен интерес за САД, НАТО и за остатокот од Европа.

Албански специјалци тренираат заедно со британски специјалци во 2014 година
Албански специјалци тренираат заедно со британски специјалци во 2014 годинаФотографија: Sean Clee/dpa/picture alliance

Зошто е избрана токму Албанија?

Албанија веќе 13 години е ценет партнер на НАТО со многу способности кои можат да му придонесат на НАТО. И, секако, тука постои интерес за продолжување на поддршката на албанските вооружени сили и обука на нивните вештини. Второ, важно е да се оспособат вооружените сили во останатите земји од НАТО во регионот - Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора или Словенија. Тоа, исто така, сигнализира дека САД се посветени на мирот на Западен Балкан.

Дали е ова еден вид воено враќање на Американците на Западен Балкан откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп сакаше да ги повлече трупите од Косово?

Никогаш не исчезнаа, но имаше расправа за американските вооружени сили во Германија, кои Трамп сакаше да ги намали. Неговиот наследник, американскиот претседател Џо Бајден, правилно го коригираше тоа. Сега соработката со земјите од НАТО ќе биде уште поголема, а тоа се одразува и во овој главен стожер кој ќе биде воспоставен во Албанија.

Меѓуетничките и политичките тензии се постојана појава во регионот. И во Албанија поранешниот премиер Сали Бериша, кого САД го прогласија за персона нон грата, стигна на насловните страници во меѓународните весници. Каква улога имаше тој развој на случувањата во одлуката на САД?

Внатрешнополитичките случувања и демонстрациите, кои одвреме-навреме се случуваат во секоја земја, не се пресудни за таквата одлука. Одлучувачка е само обуката на специјалните сили. Тоа, исто така, покажува дека постои силен интерес на Западен Балкан да му се пружи мирна иднина. Ова е слично со силите на КФОР на Косово: не само што таму се стационирани како гаранција дека земјата нема да биде оставена сама, туку тоа се шири на цел Западен Балкан.

Германскиот генерал Ерхард Билер, роден во 1956 година во Ајхах, Баварија, беше командант на Здружената команда на силите на НАТО
Германскиот генерал Ерхард Билер, роден во 1956 година во Ајхах, Баварија, беше командант на Здружената команда на силите на НАТОФотографија: Privat

Бевте на лице место неколкупати, меѓу останатото и како врховед командант на КФОР. Како ја оценувате моменталната ситуација на Западен Балкан?

На Косово гледам јасен напредок во безбедносниот сектор. Секогаш сум среќен кога ќе дојдам во земјата и ќе видам што сѐ полицајците всушност знаат и можат. Тоа можевте да го видите и минатото лето, кога на северот беше во тек голема полициска акција за спроведување на законите. И Косовските безбедносни сили веќе одеа кон исклучително успешен пат. Во воена смисла, тука гледам помалку предизвик за иднината. Она што по малку ме плаши е тоа што националистичката реторика на Западен Балкан не се намалува, туку се зголемува.

На кого конкретно мислите?

Пред сѐ, мислам на оние кои се закануваат со употреба на вооружени сили или сакаат да ги повлечат вооружените сили од државно ниво, како во Босна и Херцеговина. Мислам дека е добра идеја да се соберат, како што направија тука политичарите во централна Европа по Втората светска војна, и во прв план да се стави помирувањето, а не националистичките идеи од каде и да доаѓаат. Но, и европската страна мора да направи повеќе, не само за да ги растовари Американците. Интеграциите во ЕУ за земјите од Западен Балкан би морале да одат побрзо. Ова не е чин на милосрдие, туку наш сопствен интерес.

Германскиот генерал Ерхард Билер, роден во 1956 година во Ајхах, Баварија, беше командант на Здружената команда на силите на НАТО во Брунсум (Холандија) до неговото пензионирање во април 2020 година. Во 2010/2011 година тој беше Врховен командант на трупите на НАТО во Косово (КФОР).