1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вознемиреност и претпазливост во Прешево

Агенции, Милица Ивановиќ29 декември 2008

Најавени се нови протести на Албанците во Прешево по апсењето на десетмината поранешни припадници на ОВК, осомничени за воени злосторства. Локалните политичари уверуваат дека добрососедските односи не се нарушени.

https://p.dw.com/p/GOSL
Протести насочени кон државните органи на Србија, со цел да привлечат внимание на Косово, Албанија и меѓународната заедницаФотографија: AP

Повеќе илјади Албанци од југот на Србија на мирни протести во Прешево, вчера побараа итно ослободување на десетмината поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, осомничени за воени злосторства сторени во Гнилање во 1999 година. Тие беа уапсени во акција на српската полиција во петокот наутро, по налог на Обвинителството за воени злосторства на Србија, кое ги товари за киднапирање и убиство на повеќе од 50 цивили.

Претседателот на Собранието на општина Прешево, Рагми Мустафа за Дојче Веле изјави дека во домовите на Албанците во ова место владее немир, и оти никој не е сигурен за својата безбедност и за безбедноста на своето семејство.

„Поради ваквите случувања, веќе вчера три семејства, во кои останаа само жени и деца отпатуваа кон Косово. Тоа е разбирливо со оглед дека мажите се наоѓаат во Централниот затвор во Белград“, вели Мустафа.

Се отвораат стари рани

Стојадин Ивановиќ локален лидер на Српското движење за обнова, вели дека и Србите се вознемирени, особено по најавите за нови протести.

„Србите, нормално, секогаш се загрижени кога има протести на Албанците, а посебно во ваква ситуација кога тие се неоправдани. Со нив се бранат луѓе кои имаат извршено тешки кривични дела на Косово против српското и неалбанското население“, вели Ивановиќ.

Тој смета дека Албанците на Прешево немаат причина за протести.

„Бидејќи акцијата на полицијата е изведена во согласност со законот. Притоа немаше пречекорување на овластувањата. Нормално е дека полицијата во една таква ситуација не може да најави: ’Чекајте ние ќе ве апсиме’ “, вели Ивановиќ.

Рагми Мустафа смета дека со апсењето на Албанците во Прешево се отворени стари рани. Тој потсетува дека за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година во прешевскиот регион загинаа 11 цивили Албанци и истакнува дека и покрај се‘ добрите соседски односи со Србите нема да бидат нарушени.

„Протестите се насочени против највисоките државни органи во Белград. Тие се насочени пред се кон властите во соседната држава - Република Косово, Албанија и меѓународната заедница , да обратат поголемо внимание кон Прешево и тукашните Албанци , бидејќи тие секојдневно се изложени на притисок “, истакнува Мустафа.

Serbische Patrouille an der Grenze zu Kosovo
Српска патрола на пат кон Прешевската долина, 2003- та годинаФотографија: AP

Добрососедските односи не се нарушени

Еден од вкупно двајцата српски одборници во Собранието на општина Прешево, Драгољуб Филиповиќ, истакнува дека Србите кои инаку сочинуваат само 3 насто од наслението на Косово, не се радуваат поради апсењето на нивните соседи, но оти се задоволни дека државата на тој начин покажува оти не го заборавила југот на Србија.

„ Значи, многу сме трезвени, многу сме внимателни и тоа не во смисла да се заштитиме само себеси туку се’ да заштитиме’’, вели Филиповиќ.

Љубиша Тошиќ, лидер на партијата Нова Србија во Прешево смета дека сите Албанци не се вознемирени поради апсењето на нивните сонародници, осомничени за воени злосторства и оти добрососедските односи не можат да бидат нарушени.