1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вознемиреност поради Македонија

Зоран Јордановски/ФАЦ/СЦ3 мај 2012

„Апсењето на 20-мина осомничени за тероризам во Македонија фрла вознемирувачка светлина врз заострените етнички и религиозни конфликти“, пишува ФАЦ. Весниците во Германија се осврнуваат и на изборите во Србија и Грција.

https://p.dw.com/p/14ob9
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во текстот со наслов „Македонската борба на културите“ пишува: „Во странство одвај да се обрнува внимание на тоа, но во последно време повторно расте напнатоста во некогашната југословенска република. Тоа може да се набљудува токму во регионот на Скопје, каде беа уапсени осомничените терористи. Беа забележани обиди на исламистите да се радикализираат и Роми-муслимани што живеат таму. Во старата скопска чаршија, во која доминираат Албанците, каде живеат и Турци и босански муслимани, се наоѓаат две џамии, кои беа преземени од радикални проповедници. Ветувањето дека Македонија ќе биде член на ЕУ е турнато во недоглед и преовладува стагнација, па тоа им олеснува на проповедниците на омразата да наидат на одзив“, констатира ФАЦ.

„Предизборната борба и вистината“

„Зиддојче цајтунг“ фрла поглед кон претстојните избори во Србија. „Српските политичари се прикажуваат себе си како пријатели на Европа, но земјата ни оддалеку не е подобна за ЕУ“, констатира весникот. „Лошите вести од Западна Европа го засегнаа и Балканот: ЕУ пред околу 10 години им вети перспектива за пристап на земјите од регионот. Сега политичарите и граѓаните мораат со разочарување да набљудуваат дека поради економската криза исчезнуваат шансите за брза интеграција. И покрај тоа ЕУ и натаму има голема привлечна моќ. Тоа се покажува деновиве во Србија. Земјата в недела ќе избира нов парламент, претседател и нови локални власти. Сепак, со националистички пароли агитираат само неколкумина кловнови, најголемиот дел од политичарите се борат за наклонетоста на избирачите со проевропски агенди. (...) Проевропската реторика на српските партии сепак не треба да залаже дека Белград уште е далеку од подобност за ЕУ. Многу стопански гранки и натаму се под контрола на олигарсите, корупцијата беснее. Проблематична е и улогата на Србија во регионот. Шефот на државата тадиќ навистина постојано нагласува дека Србија не го става под прашање единството на Босна. Фактички, меѓутоа, Белград на Република Српска гледа како на независна држава и така го поткопува развојот на соседната држава. Истовремено Тадиќ како краткорочна цел пропагира поделба на Косово. Зад тоа стоисметката дека делењето на Косово би овозможило и ново уредување и на други граници - и во Босна“, се вели, покрај другото, во „Зиддојче цајтунг“.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Денови на сведување на сметките“

Истиот весник денеска (03.05.2012) се задржува и на претстојните парламентарни избори во Грција од каде, како што вели на почетокот, „деновиве доаѓаат и добри вести. Изненадувачки многу добри вести“. Потоа се наброени превентивното запленување на банкарските сметки на осомничените за затајување данок, потоа апсењето на поранешниот министер за одбрана под сомнение за корупција, па пресудата осум години затвор за директор на една банка - „првиот истакнат челн на општеството воопшто, кој беше осуден поради корупција“, како и отворањето прифатилишен камп за илегални емигранти во околината на Атина. „Сето тоа веќе со години го бараат побунетите Грци. Сето тоа никогаш не го реализираа нивните политичари, иако нивната земја се задушуваше во корупција и клиентелизам во стопанството, иако историскиот центар на Атина пропаѓа под товарот на реките бегалци. Одненадеж се такви работи можни? И сето да се случи за само неколку дена? Може да му благодариме на цинизмот на младиот атињанин, кој рече: Ако не порано, сега секако забележуваме: имаме избори“.

Illustration - Verschiedene deutsche Tageszeitungen, wie Mitteldeutsche Zeitung, Sächsische Zeitung, Die Welt, Frankfurter Allgemeine, liegen zur Presseschau bereit, aufgenommen am 23.11.2009 in Leipzig (Wischeffekt). Foto: Jan Woitas
Фотографија: picture-alliance/dpa