1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна седница на Парламентот за пожарите

26 јули 2007

Опозицијата во Македонија бара информација од владата,премиерот бара кризата да не се користи за меѓупартиски препукувања

https://p.dw.com/p/BMTJ
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Огнените катастрофи стасаа на дневен ред и во парламентарната расправа за буџетот.Пратениците од опозицијата ја повикаа владата да излезе со првични оценки за штетите и во ребалансот да определи ставка за елементарната непогода со која се соочува Македонија.Пратеничката од ЛДП Роза Кареска Топузовска бара од владата:

„...уште веднаш,во овој момент,владата да интервенира во буџетот и да оддели поголеми средства за справување со огнената стихија и сите пари кои и досега ги троши за свои рекламни кампањи,за саморекламирање,да ги намени во буџетот за справување со кризата“.

Независниот пратеник Есад Рахиќ предлага Македонија да набави опрема за гаснење пожари за во иднина да биде подготвена за во кризни ситуации:

„Прво нашата влада да одвои средства со ребалансот или ако не може со ребаланост,од воениот буџет,за купување еден до два Канадер авиони,меѓутоа тоа се скапи работи и предлагам да се купат заедно со Албанија,со Србија,со Бугарија,да се направи флота на канадери која по потреба би учествувала во гаснење на пожарите.“

Владата засега не планира дополнително да интервенира во буџетот.Министерот за финансии Трајко Славевски вели дека има доволно пари за покривање на вонредната состојба:

„Има соодветни ставки во буџетот,секогаш имало и ќе има средства за вакви непредвидени намени и борба против стихиите на природата.“

Според официјалните податоци на Кризниот штаб од 18 јули досега изгореле 5 илјади хектари шума.Пазарната вредност на еден хектар даб или бука е 6 илјади евра.Пресметката според ова вели дека загубите од опожарената шума изнесуваат 30 милиони евра.